Во земјава пушењето долго време се смета не само за навика, туку и за симбол на лична слобода и отпор кон стандардите на европската здравствена политика. За разлика од многу други европски земји каде пушењето постепено се гледа како јавно-здравствен проблем, во Македонија често се перцепира како чин на индивидуална автономија, а понекогаш и како „културен отпор“ кон европеизацијата и строгите регулативи. Ова културно толкување создава уникатна ситуација каде законите за заштита од пушење постојат, но нивната примена често е формална и недоследна.
Според најновите истражувања на Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија, во земјава состојбата со употребата на тутун во земјата е загрижувачка.Околу 45,4% од возрасното население се активни пушачи, додека 15,6% се поранешни пушачи. Непушачи, односно лица кои никогаш не пробале тутунски производи, се 39%. Оваа стапка на активни пушачи е значително повисока од европскиот просек кој изнесува 19,7%, но слична на онаа во земјите од Балканскиот регион, каде пушењето е широко распространето.

38% од адолесцентите пробале цигари
Според податоците, просечниот активен пушач во Македонија консумира до 18 цигари дневно, а најчестиот број е околу 20 цигари, односно една кутија дневно. Повеќе цигари најчесто пушат мажите, особено оние со пониска перцепција за ризикот од пушење, со висок нагон за пушење и пристап до повеќе локации за пушење. Интересно е дека желбата за откажување е повисока кај оние кои пушат помалку цигари дневно.
Во однос на модерните уреди за загревање тутун, како IQOS, само 4,5% од испитаниците биле активни корисници во моментот на истражувањето, но се очекува бројот на корисници да расте во иднина.
Состојбата со младите е исто така загрижувачка. Според ЕСПАД истражувањето од 2019 година, 38% од адолесцентите на 15 и 16 години пробале цигари, додека 21% пробале и електронски цигари. Исто така, според Global Youth Tobacco Survey од 2016 година, 7,7% од младите на возраст од 13 до 15 години се активни пушачи. Податоците од истражувањето Health Behaviour in School-aged Children од 2018 година покажуваат дека дури 4,1% од децата на 11 години пробале барем еднаш цигара, при што процентот е повисок кај момчињата (6,3%) отколку кај девојчињата (2%).
Закони без примена
Употребата на тутун и тутунски производи во Република Северна Македонија е регулирана со повеќе закони, меѓу кои најважни се Законот за здравствена заштита, Законот за заштита од пушење и Законот за контрола на тутун и сродни производи. Дополнително, во 2006 година, Министерството за здравство ја потпиша Рамковната конвенција за контрола на тутунот (FCTC) на Светската здравствена организација, која има за цел системско ограничување на употребата на тутун и заштита на јавното здравје.
Истражувањата на Институтот за јавно здравје покажуваат дека досегашните законски решенија имале ограничен ефект поради недоследна примена и слаб надзор. Потребни се дополнителни законски измени кои појасно и построго ќе ги регулираат сите аспекти на употребата, продажбата и промоцијата на тутунските производи.
На пример, измените од 2018 година во Законот за заштита од пушење дозволија пушење на тераси и други посебно одредени места, а во 2021 година беше легализирана употребата на уреди за загреан тутун во одредени затворени простории на угостителските објекти. Сепак, законот често не се спроведува како што треба, што ја нагласува потребата од редовни инспекции и контроли.
Првиот Закон за заштита од пушење во самостојна Македонија е донесен во 1995 година, а за тридецении речиси половина од возрасното население станало пушачи. Законот бил менуван и дополнуван повеќепати, но резултати се забележале само кога постоела реална контрола и доследна примена на законските одредби.

Нов предлог закон
Предлог-законот, за кој неодамна започна јавна расправа, воведува сериозни промени и построги правила за заштита на јавното здравје. Основните новини се целосна забрана за пушење во јавни и работни простории, строги ограничувања за рекламирање и промоција на тутун и никотин, како и високи парични казни за непочитување на законските одредби.
Министерот за здравство, Азир Алиу, истакнува дека целта на законот не е репресија, туку превенција и заштита на здравјето, особено на децата и младите. Според него, пушењето и никотинот се водечки причини за превентибилна смрт, а новите никотински производи и агресивниот маркетинг целат токму младите, што прави целосната законска заштита неопходна.
Со предлог-законот се предвидува сеопфатна забрана за пушење и употреба на електронски цигари, загреан тутун и други никотински производи. Новината е што забраната се однесува и на приватни возила во присуство на деца. Пушење е строго забрането во здравствени установи, установи за социјална заштита, образовни и културни институции, спортски сали, пред објекти каде престојуваат деца, во државни и општински институции, на работни места, во јавен превоз, во угостителски и трговски објекти, како и во заеднички простории на станбени згради. Исклучок е дозволен само во строго дефинирани отворени простори, физички одделени и отворени од најмалку три страни.
Една од најзначајните промени е целосната забрана за рекламирање и промоција на тутун и никотински производи, вклучувајќи дигитални платформи, инфлуенсери, спонзорства на настани и медиумска содржина. Прикажувањето на пушење во филмови, серии и видеоигри ќе биде дозволено само во исклучителни случаи за возрасна публика, со задолжителна здравствена порака за штетноста. Дополнително, се забранува производство, увоз и продажба на производи со ароми и вкусови, кои таргетираат млади и ја зголемуваат веројатноста за рана зависност.
Продажбата на тутунски производи на парче, преку автомати, самопослужување или онлајн, ќе биде забранета, а изложувањето на производите во продавниците ќе биде строго регулирано. Тутунот и никотинските производи ќе се чуваат во затворени шкафови, без визуелно привлекување на вниманието на купувачите.
Казни за непочитување
Предлог-законот воведува високи казни: за правни лица од 2.000 до 5.000 евра, за одговорни лица до 2.000 евра, а за физички лица од 150 до 300 евра. Инспекторите ќе имаат овластување да изречат и привремена забрана за вршење дејност до три месеци за непочитување на забраната за пушење. Надзорот ќе го вршат повеќе институции, вклучувајќи Државниот пазарен инспекторат, санитарниот инспекторат, инспекторатот за труд, Министерството за внатрешни работи и други релевантни органи.
Заклучокот е дека Македонија се движи кон значително построга законска рамка за контрола на тутун и никотин. Историјата покажува дека законските интервенции самостојно не можат да го намалат пушењето ако не се спроведуваат строго и континуирано. Новиот предлог-закон има потенцијал системски да ја заштити јавноста, особено младите, да ги ограничи пушачките навики и да ги намали штетните последици од тутунот за здравјето на населението.
Со целосна забрана во речиси сите јавни и работни простории, ограничувања за рекламирање, забрана на вкусови и ароми, строго регулирана продажба и високи казни, законските решенија се подготвени да воведат ред и контрола, кои недостасуваа во минатото, и да овозможат долгорочно намалување на пушењето и заштита на здравјето на сите граѓани.
