Од 13 до 19 мај ќе се одржи Скопски градски фестивал, денови на културна синергија низ звуци, зборови и слики

Фестивалот започнува на 13 мај во Музејот на град Скопје со вечер посветена на Словенија и словенечката културна сцена

Шестото издание на Скопскиот Градски Фестивал, што ќе се одржи од 13 до 19 мај, ја продолжува својата мисија да гради културна сцена со јасна уметничка визија и интегритет, преку програма што обединува музика, книжевност и визуелна уметност, спојувајќи домашни автори и изведувачи со уметници од Словенија, Грција и Европа.

Програмата не е составувана според трендови, туку вредности. Секој артист е избран врз основа на квалитет, оригиналност и контекстуална важност – со цел да создадеме фестивал кој придонесува за културниот идентитет на градот, а не само за неговиот календар на настани. Очекуваме врвни фестивалски денови кои ќе ги задоволат и нај пребирливите културни сладокусци“ велат организаторите од Баги Комуникации.

Фестивалот започнува на 13 мај во Музејот на град Скопје со вечер посветена на Словенија и словенечката културна сцена: поетот и дипломат Милан Јазбец ќе ја промовира својата збирка „Се отвори небото, песни за Магда“, уметницата Магда Шаламон ќе изложи дела инспирирани од планинскиот пејзаж и поетскиот збор, а Dupljak Village Orchestra ќе понуди концерт во кој традицијата се преработува низ
модерен звук.

На 15 мај, во малата сала на Филхармонија, ќе настапат тројца македонски изведувачи чии албуми ги објавува Кроација Рекордс. Code 369, група со препознатлив спој на електроника, поп и етно влијанија, ќе настапи со својот иновативен и енергичен звук.

Мухамед Ибрахими, врвен гитарист и мултиинструменталист со суптилен баланс помеѓу ориентални мотиви и современа амбиентална естетика, ќе понуди интимен музички израз. Иван Кукиќ со Источен фронт го претставуваат кантавторскиот правец со рок интонации и текстови што ја носат урбаната чувствителност на новата македонска сцена.

Следниот ден, на 16 мај, програмата продолжува со грчкото трио Human Touch, едни од најавтентичните и најдолговечни инструментални состави од Грција, чии настапи претставуваат врвна фузија на џез, world музика и медитерански ритми.

По нив, сцената ќе ја споделат Мартин Ѓаконовски, најзначајниот македонски џез контрабасист со меѓународна кариера, чиј стил комбинира виртуозност, зрелост и длабока музичка чувствителност и Роман Бабик, еден од водечките германски џез пијанисти и композитори, познат по својот моќен звук и инвентивни аранжмани што ја бришат границата меѓу жанровите.

На 17 мај, во Културно информативниот центар – Скопје, публиката ќе има ретка можност за првпат да ја слушне Тања Сонц со нејзиниот квартет, словенечка виолинистка со меѓународна кариера, една од највпечатливите словенечки виолинистки на својата генерација. Таа е позната по исклучителна музикалност, техничка прецизност и сценска суптилност што плени.

Фестивалот ќе биде заокружен на 19 мај во Аудиокултура, каде во 12 часот ќе се одржи промоцијата на новиот албум „Drom“ на грчкиот хармоникаш Thanos Stavridis, проект што ги истражува источномедитеранските и балкански корени низ современа продукција и музичка елеганција.

Фестивалот е во организација на Баги Комуникации, која преку Скопскиот Градски Фестивал создава простор за квалитетна уметност и поттикнува соработка меѓу домашни и меѓународни автори.

За концертите на 15, 16 и 17 мај влезниците можат да се набават онлајн на платформата МкТикетс.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни