Советот на ЕУ официјално го одобри воведувањето на нови царински давачки за стоки кои пристигнуваат во Унијата како мали пакети, најчесто од Кина.
Од 1 јули во ЕУ ќе се применува царина од најмалку три евра по пакет. Целта е да се спречи феноменот на увоз без царина на овие пакети, што создава нелојална конкуренција за продавачите во Унијата.
Според податоците, дури 91% од 4,6 милијарди пакети што влегоа во ЕУ во 2024 година потекнуваат од Кина. Одлуката го укинува ослободувањето од царина за пакети со вредност под 150 евра.
Временскиот план е следниот:
1 јули 2026 – 1 јули 2028 (прелазен период): се воведува привремена фиксна царина од три евра за стоки со вредност под 150 евра.
По 2028 (траен систем): привремената царина ќе биде заменета со редовни царински стапки, откако новиот паневропски онлајн царински центар на ЕУ (Data Hub) ќе стане целосно оперативен.
Како царината може да стане шест или девет евра?
Најважната промена за потрошувачите се крие во деталите. Привремената фиксна царина од три евра нема да се наплаќа по пакет како целина, туку за секоја различна категорија стока (според царинскиот тарифен број) во пакетот.
На пример, ако некој нарачал пакет кој содржи: 1 свилена блуза (Категорија 1) и 2 волнени блузи (Категорија 2)
Иако станува збор за еден пакет, бидејќи содржи две различни категории стоки, царината ќе изнесува: три евра за свилената блуза и три евра за волнените блузи или вкупна царина: шест евра.
Ако пакетот содржи три различни категории стоки, царината ќе изнесува девет евра, и така натаму.
Оваа мерка се однесува на мали пакети испратени директно до потрошувачите во ЕУ и се очекува да има позитивно влијание како врз буџетот на ЕУ, така и врз јавните финансии на земјите членки.