Од 1 април нов режим: Зонското паркирање стигнува во Реонски – ред или нов хаос?

Од 1 април стартува зонско паркирање во Реонски центар во Аеродром – 1.300 нови места и дигитални услуги, но граѓаните веќе предупредуваат на хаос и злоупотреби.

Долгонајавуваното зонско паркирање конечно стартува – од 1 април нов режим ќе важи во Реонски центар во Скопје, со најава дека наскоро ќе се прошири и во Ново Лисиче. Првата зона, означена како D12, ги опфаќа улиците 1612 и 1613, односно просторот околу маркетите „Жито“ и „Кам“ и трговскиот „Лиса“.

Според најавите на градските власти, во функција ќе бидат ставени 1.334 паркинг места, од кои 32 се наменети за лица со попреченост. Станарите ќе добијат по две бесплатни дозволи, додека за останатите корисници цената ќе изнесува 25 денари за час.

Паралелно, се воведуваат и дигитални услуги, од 1 април, барањата за дозволи ќе може да се поднесуваат онлајн преку платформата „moj.parking.mk“, а ќе биде овозможено и електронско плаќање.

Но, и покрај најавите за „ред и функционалност“, реалната состојба на терен засега фрла сенка врз оптимизмот. Жителите со месеци укажуваат на проблеми – запуштени и хаварисани возила кои со години стојат на паркинзите, паркирани автобуси, како и узурпација на местата за лица со попреченост од улични продавачи.

Прашањето што останува отворено е дали новиот систем навистина ќе воведе ред – или ќе стане уште еден административен обид без реален ефект на терен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни