39-годишниот фотограф, Атиб Хусаин, бил на патување во националниот резерват Масаи Мара во југозападна Кенија и посведочил како орел грабнува мал шакал од неговата мајка.
„Голема драма на рамнините во Масаи Мара“, пишува Хусаин за кадарот. „Мајката шакал некако успева да го притисне доволно кафеавиот орел за да го испушти младенчето, само неколку моменти откако успеа да го грабне шакалот под носот на мајката“.
Фотографот е по потекло од Калкута, работи како менаџер за малопродажба преку ден, но повеќе од 12 години патува во дивините за да го фотографира дивиот свет. Во неговиот фокус сега е африканскиот див свет.
„Беше околу осум часот наутро кога се упативме кон одредено место“, изјавил фотографот за PetaPixel. „Добивме информации за леопард и потенцијален негов премин. Додека одевме во тој правец, ја забележавме оваа мајка шакал со малото во устата како брзо се движи. Застанавме да гледаме од далечина. Откако гледавме некое време, сфативме дека шакалот е многу претпазлив и напнат“ – раскажува Хусаин.
Но стрпливоста и чекањето се исплателе.

„По околу 10 до 15 минути, ненадејно кафеав орел се нафрли и се обиде да го грабне малиот шакал од вилиците на мајката. Шакалот успеа да го избегне орелот. Орелот слета на одредено растојание и стоеше како да чува стража. По ова, шакалот продолжи да се движи и да внимава наоколу. Орелот потоа направи уште неколку обиди, но секој пат шакалот беше поитар и го избегнуваше. По неколку неуспешни обиди, орелот конечно успеа да го зграпчи младенчето, но шакалот скокна кон него и во тој момент орелот, во лет, го испушти од уста малиот шакал“- ја пренесува ситуацијата за опстанок, фотографот Хусаин.
Фотографија: Ateeb Hussain
Извор: PetaPixel
