Таму, по средбите со Владимир Путин и кинескиот лидер Си Џинпинг, најави нови инвестиции, па дури и проекти за „летечки автомобили“.
Во исто време, Вучиќ учесниците во Словенија ги нарече „блокатори“. Но словенечкото Министерство за надворешни и европски работи соопшти дека тој и премиерот Ѓуро Мацут не биле поканети на форумот. Наместо тоа, Србија ја претставувал министерот за надворешни работи Марко Ѓуриќ. Според сознанијата на Н1 Словенија, Вучиќ дури побарал покана, но не ја добил.
„Оние кои ги повикале на Блед, тие се нивните блокатори. Нека разговараат со нив за стратешките работи,“ изјави Вучиќ, тврдејќи дека тој и премиерот одлучиле да не учествуваат.
Меѓутоа, аналитичарите сметаат дека токму непоканувањето било удар врз претседателот Вучиќ. Политичкиот коментатор Бошко Јакшиќ објаснува: „Тоа е јасна, намерна порака. Словенците му кажуваат – не си добредојден. Не си добредојден да ја шириш својата демагогија и да им делиш лекции на Европејците.“
Јакшиќ додава дека, и таму каде што оди, Вучиќ често добива статус на „гостин од трети ред“. „Ниту на Исток, ниту на Запад нема вистински сојузници – само партнери кои ја користат неговата суета,“ предупредува тој.
Слична е и оценката на новинарот Андреј Иванји. Според него, Вучиќ ваквите потези главно ги прави за домашната публика. „Сè е тоа за внатрешна употреба и за неговите гласачи. Истовремено тоа е и сигнал кон Западот – ако продолжите да ме изолирате, јас ќе се свртам целосно на другата страна,“ вели Иванји.
Тој потсетува на неодамнешниот случај кога Вучиќ испрати писмо до британскиот „Гардијан“ како реакција на критички уреднички текст. „Такви нешта не прави еден претседател на држава. Тоа не е само негово лично бламирење, туку и на целата Република Србија,“ смета Иванји.
Словенија, велат експертите, одамна е меѓу ретките членки на ЕУ кои отворено ја критикуваат политиката на Вучиќ. „Затоа ова непоканување не е случајно – тоа е јасен сигнал дека тој полека, но сигурно се маргинализира во европскиот политички простор,“ објаснува Јакшиќ.
Сè појасно е, додава тој, дека Западот ја согледува реалноста – „имаме работа со човек кого постепено го пуштаат низ вода“.
Извор: N1info.rs