Од печат излезе новата поетска збирка Golgotha feminarum од Славица Гаџова-Свидерска. Книгата беше добитник на наградата „Антев златник“ во рамки на манифестацијата „Антево перо“ за 2022 година. За оваа поетска книга, писателката Лидија Димковска вели:
– Поетските алузии на евангелиската вистина го претвораат Исус во женски Христос кој ја разбира, поддржува и милува женската природа на светот што дошол да го спаси, но и на душите на оној свет. И жената во песните на Славица Гаџова Свидерска е спасителка, но во овој живот и во овој свет. Жената нема само политичко тело со кое сакаат да располагаат системите, властите, мажите, туку и дух што сакаат да го заробат патријархатот и неговите останки кои како автократки феникси оживуваат од сопствената мизогинска природа. Во 21-от век, кога духовите на национализмот, патријархатот и назадните политики ја враќаат жената после тешкиот пат односно голготата што таа ја измина кон поголеми права и поголема рамноправност, кон дискриминираното место во општеството, се чини дека песните на Славица Гаџова-Свидерска ни се уште понасушно потребни – вели Димковска.
Гаџова-Свидерска (1984, Битола, Македонија) е поет, преведувач, теоретичар на книжевноста. Авторка е на поетските книги „Бесконечност“ (2001), „Писма“(2012), „Политики на љубовта“ (2015), „Тела“(2016), „Политики на стравот“ (2021), Golgotha feminarum (2023), научните монографии „Книжевноста и дискурсите на моќта“ (2013), „Книжевноста и политичкото насилство“ (2018), како и книжевно-филозофските есеи „За смислата и за апсурдот“ (2017). Добитничка е на наградите: „Енхалон“ на Струшките вечери на поезијата (2012); „Караманов“ (2016); „Македонска книжевна авангарда“ (2021); „Антев златник“ (2022); „Лирата на Орфеј“, Бугарија (2019). Нејзината поезија е преведувана на англиски, кинески, бугарски, српски, хрватски, босански, чешки, словачки, турски и албански јазик и застапена во домашни и странски антологии на современата македонска поезија.
