Филолошкиот факултет ,,Блаже Конески Скопје”, објави литературен конкурс за наградата ,,Ханс Зајдел”- ,,Имаме ли надеж наречена Европа?”.
На конкурсот имаат право да учествуваат сите студенти на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје запишани на првиот и на вториот циклус студии.
Составите треба да се изготват во дигитална форма на македонски јазик, со должина до осум компјутерски страници, со големина на буквите 12 и проред 1,5.
,,Кандидатите решаваат самостојно што ќе пишуваат на темата „Има ли надеж наречена Европа?“ Какви очекувања и надежи имаат од проектот „Европа“ за себе и за своите општества? Каде гледаат предизвици и проблеми, а каде шанси? Можат да се осврнат на Европа како целина, на една земја или на повеќе земји, на ЕУ или на нешто друго. Ова ќе произлезе од нивната претстава за „Европа“. Можат да пишуваат за сегашноста, за минатото и/или за иднината на Европа, при што треба задолжително да си го искажат сопственото мислење. Самите ќе решат во која мера ќе се изразат позитивно, негативно или вредносно неутрално. Пожелно е да си ги образложат ставовите. Составот не е научен труд, туку е израз на личните ставови. Се молат кандидатите да избегнуваат говор на омраза и вербални напади, како и оценување реални личности” стои во соопштението на Факултетот.
Составите треба да се достават електронски до konkurs.evropa@flf.ukim.edu.mk најдоцна до 15 септември 2024 година.
Комисијата ќе ги оцени текстовите според квалитетот, а името на добитникот на наградата ќе биде објавено најдоцна до 22 септември 2024 година на интернетската страница наФакултетот.
Наградата на студентот со најдобриот труд се состои од покривање на патните трошоци и на трошоците за сместување заради учество на конференција што на 29.11.2024 година ќе се одржи на Универзитетот во Загреб.
На конференцијата, добитникот на наградата Филолошкиот факултет ќе ги презентира резултатите, т. е. клучните елементи од својот состав, заедно со другите студенти добитницина наградата, кои потекнуваат од различни факултети при универзитетите во Албанија, Босна и Херцеговина, Германија, Грција, Косово, Србија и Хрватска.
Предвидени се и презентација на проектните резултати од страна на координаторите на земјите, подиумска дискусија со студентите ученици во проектот и со политичари од Европската Унија.Конференциски јазици се германскиот и хрватскиот јазик (со симултано толкување).