Основното јавно обвинителство Кавадарци донесе наредба за спроведување истражна постапка против четири полнолетни лица, за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело силување на дете кое не наполнило 15 години, казниво според член 188 став 3 од Кривичниот законик.
Според наводите на обвинителството, осомничените на 14 февруари 2025 година, по претходен договор, со патничко возило зеле 13-годишно девојче од Неготино, со кое еден од нив претходно бил во контакт. Малолетната жртва била однесена на локација надвор од селото Криволак, по што, според прибраните докази, било сторено кривично дело против нејзината полова слобода и интегритет. По настанот, девојчето било вратено во Неготино.
Во текот на претходната постапка, осомничените биле обезбедени со мерки на претпазливост. Со поведувањето на истрагата, јавниот обвинител побарал од надлежниот суд тие мерки да бидат заменети со ефективен притвор, имајќи ја предвид тежината на делото, возраста на жртвата и законската запретена казна.
Од обвинителството информираат дека станува збор за исклучително тешко кривично дело, за кое е предвидена казна затвор од најмалку 10 години, па сè до доживотен затвор. Истрагата е во тек, а надлежните институции најавуваат целосно расветлување на случајот.
