Јавното обвинителство соопшти дека ја прифаќа и поздравува реакцијата на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), нагласувајќи дека останува посветено на почитување на слободата на информирање.
Од обвинителството велат дека целосно се залагаат за почитување на членот 10 од Европската конвенција за човекови права и членот 16 од Уставот, кои ја гарантираат слободата на изразување и објективното информирање на јавноста.
Уверување за почитување на човековите права
„Обвинителството ги штити човековите права и слободи и со тоа создава услови за нивно непречено остварување“, соопштуваат од институцијата, потенцирајќи дека нивната улога е во функција на заштита на јавниот интерес.
Овој став доаѓа по реакциите во јавноста и од новинарските организации, кои предупредија дека претходното соопштение може да се протолкува како обид за ограничување на критичкото известување
Реакцијата на знм и сснм
ЗНМ и ССНМ реагираа на повикот на Основното јавно обвинителство за „внимателно и одговорно јавно коментирање и информирање“, како и на очекувањето професионалните организации да „гарантираат“ почитување на етичките стандарди.
Тие оценија дека ваквата формулација може негативно да се протолкува, особено ако не се наведат конкретни случаи на непрофесионално известување.
„Во таков контекст, пораката може да остави впечаток на обид да се стишаат критичките гласови и да се ограничи јавната дебата за прашања од висок јавен интерес“, посочија од двете организации.
Обид за смирување на тензиите
Со новото соопштение, обвинителството практично се обидува да ја разјасни својата позиција и да ги намали тензиите со медиумската заедница, потенцирајќи дека слободата на изразување и информирање останува темелна вредност што ја почитува и ја штити.