24 јануари – Интерационале ден на образованието

Образованието ја продлабочува родовата нееднаквост – 62 милиони девојчиња надвор од училишните клупи

И покрај напредокот, милиони девојчиња и млади сè уште се исклучени од образованието, а родовиот јаз најсилно се чувствува во сиромашните и конфликтни региони. Меѓународниот ден на образованието 2026 ја отвора темата за моќта на младите во ко-креирањето на поправеден образовен систем. Македонија и Европа имаат паритет на хартија, но не и целосна еднаквост во пракса.

Во 2026 година, кога светот зборува за вештачка интелигенција, зелена транзиција и дигитална економија, 62 милиони девојчиња, според UNESCO сè уште немаат пристап до образование. Оваа бројка не е само статистика туку е директен доказ дека глобалниот систем за образование продолжува да ги репродуцира старите нееднаквости, особено по родова линија. Образованието, кое формално е прогласено за универзално човеково право, во пракса и натаму останува привилегија. А токму во тоа се крие парадоксот на 21 век: додека образованието се смета за клучен мотор на развојот, милиони деца, најчесто девојчиња се исклучени од тој мотор уште на стартот.

Глобалната слика: каде започнува јазот

На глобално ниво, околу 244 милиони деца и адолесценти според UNESCO се надвор од училиште .Од нив, девојчињата се несразмерно погодени, особено во сиромашните и конфликтни региони. Податоците на оваа организација покажуваат дека во основното образование, уписот е приближно изедначен околу 90% од девојчињата и 92% од момчињата се запишани . Но зад оваа наизглед охрабрувачка слика се крие подлабока нееднаквост: околу 15 милиони девојчиња никогаш нема да влезат во училница, во споредба со 11 милиони момчиња (според UNESCO).

Јазот станува поизразен во средното образование, каде што девојчињата се 2,5 пати почесто надвор од училиште во земји погодени од сиромаштија и конфликти, покажуваат податоците на Светската банка. Во субсахарска Африка, помалку од 40% од девојчињата го завршуваат пониското средно образование , што директно влијае врз нивната економска независност, здравје и политичка моќ.

Континентите на нееднаквост

Најизразен родовиот јаз во образованието е во субсахарска Африка и делови од Јужна Азија. Таму, образованието на девојчињата често е жртва на сиромаштија, рани бракови, родови норми и несигурност. Во некои земји, девојчињата имаат и до 50% помала веројатност да завршат средно образование од момчињата.

Европа: паритет, но не и еднаквост

Во Европа, сликата е значително поинаква. Родов паритет во основното и средното образование е речиси целосно постигнат, покажува анализа на OECD. Во високото образование, жените дури и доминираат: во Европската Унија, повеќе жени отколку мажи имаат завршено факултет. Но ова не значи дека проблемот е решен. Разликите се префрлаат на друго поле избор на студии, пристап до научни и технолошки дисциплини и, подоцна, до пазарот на трудот.

Македонија: паритет на хартија, предизвици во пракса

Во Македонија, постои речиси целосен родов паритет во основното и средното образование, според анализата на Светска банка. На универзитетите, жените се дури и побројни од мажите меѓу запишаните студенти. Но оваа позитивна статистика не ја раскажува целата приказна. Девојките поретко избираат STEM области, а образованието не секогаш води до еднаков пристап до вработување и лидерски позиции покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Моќта на младите: од објекти во субјекти на образованието

Токму тука се надоврзува пораката на Меѓународниот ден на образованието 2026: „The power of youth in co-creating education“. Младите сочинуваат повеќе од половина од светската популација и претставуваат клучна сила за иновации и општествени промени. Сепак, тие често се исклучени од процесите на одлучување за образованието што директно го обликува нивниот живот.

Образованието не смее да биде само систем во кој младите се пасивни приматели на знаење. Во ера на технолошка трансформација, вклучувањето на младите во ко-креирање на наставните програми и образовните политики е услов за релевантно и инклузивно образование.

Улогата на лидерството: квалитетот не е случаен

Истражувањата покажуваат дека училишното лидерство е вториот најважен фактор што влијае врз резултатите од учењето, веднаш по квалитетот на наставниците, смета Global Education Monitoring Report. Добри училишта не постојат без добри директори, јасна визија и поддршка од институциите. Лидерството, сепак, не е универзално и тоа зависи од културниот, социјалниот и политичкиот контекст.

Образованието како тест за иднината

Образованието е човеково право, јавно добро и јавна одговорност според Универзалната декларација за човекови права. Но бројките јасно покажуваат дека светот сè уште не го положил овој тест. Без инклузивно и квалитетно образование, не е можно да се постигне родова еднаквост, да се искорени сиромаштијата или да се изгради одржлив развој.

Прашањето денес не е дали знаеме што треба да се направи. Прашањето е дали сме подготвени да ги вклучиме младите особено девојчињата како рамноправни партнери во создавањето на образованието на иднината. Затоа што без нив, иднината ќе остане нееднаква.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни