Една тивка убава вечер. Седам и си размислувам, поточно најверојатно чувствувам. Ништо не ми фали. Празник е и надвор мириса на детство. Седам, како предвреме остарена жена, а навидум само едно девојче. Размислувам, ја чувствувам мојата кожа и уживам во нејзината удобност. Жена, а девојка, оставена сама на себе. Во овој 21ви век, скроен за секој да може да биде среќен, дозволено ми е да си го кажам мислењето. Силно и исправено да го кажам моето мислење на една скромна жена и отсечно ми поминува мисла, можат и другите нели… или само јас таков впечаток имам.
Седам и размислувам… празник е !
Одамна немам почувствувано внатрешен порив да врискам, да ги покажам забите и да пркосам на инерцијата – нешто да променам. Некако многу ми е тивко, како познатото затишје пред бура. Нешто ми се заканува. Некој човек кој низ својот говор се користи со замислени театрални паузи, човек кој мисли дека така се освојува затапениот од тежини памет на лицата кои слушаат пред него. Некогаш одамна мислев дека ако станам снајперист ќе се заштитам ако целам директно во лажната грижа на грижливите – мојата искрена желба кога имав 10 години. Кога со татко ми си игравме игри дека сме полицајци, затоа што божем татко ми немаше син па јас храбро ја земав таа улога за да ја исполнам замислата за машко дете.
Седам и размислувам… празник е!
Но, не беше тоа толку женска професија, се прелеав од дома во суровото реално општество и сфатив дека сакам да бидам пејачка, аниматор на публиката, не за некоја поголема и повисока цел, туку само да бидам убава и можеби понекогаш интересна.
Седам и размислувам, можеби одвреме-навреме и се насмевнувам… празник е!
Не ми одговара и оваа професија, ајде да правам нешто друго, да бидам активистка. Да бидам доволно жена за да ја скратам косата колку на маж и да бидам доволно маж да се борам за женски права како жена. Течи денот и зборувам сама со себе и си викам “Какво време да се биде жива”. Наутро ќе си облечам што сакам, ќе се вратам доцна вечер. Цел ден ќе работам и ќе учам, а на крајот од денот ќе се забавувам. Убаво е што не сум родена во среден век. Ќе си умрев брзо од огнот на прогресивизам што гори внатре во мене.
Седам и почнувам да слушам некој призвук, но овој пат некако не се насмевнувам… уште не поминал празникот!
Црна мантија, нешто ми шепоти, се исплашив. Мил господе ако си тука, помогни ми.
Што се случи? Слушам некој се осмелува да ми објасни што е тоа жена и несебично дели епитети кон жените за нивните (не)способности. Некој повторно ми го чепка феминизмот, додека себеси се хиперболизира во улога на бог. Глупави се жените што се еманципирани. Богохулни се девојките кои се разведени. Мајките самохрани божем без раце и без нозе со дупки во сопствениот мозок, бараат права, а никако да слушнат за обврски. Морници ме лазат. Застана некој на говорница, а не знае да ја идентификува сопствената па ни туѓата општествена улога. Поставува прашање базирано на туѓо мислење и не знае да го објасни затоа што одамна заборавил и како се размислува. Ама да запомниме театрална пауза помеѓу секои два збора за да сме поубедливи и на тој начин да направиме секој збор да боцка во срцето на тие што се борат за правата на жените. Не ме плаши само феминизмот и уривање на неговото достоинство. Стравот ми се претвора во болка кога таа црна мантија ми се причинува дека ги покрива очите на младите. Млади лица ги обоија своите мисли со нијанси на патријархат, надменост, нееднаквост и желба за превласт. Рацете ги вооружија со пушки за убивање на солидарноста, праведноста и еднаквоста. Ама чекајте луѓе, тоа е само призвук! Молчете сите каква е убава тишината, се плашам да не ми се прислушне нешто пак, затоа повторно размислувам…
Мене како жена не сакам и нема да дозволам да ме дефинира црна мантија, не може и нема да дозволам да се повторува историјата. Секоја млада жена заслужува да ужива во својата самодоверба, да се шета безбедно по улиците и да напредува во кариерата без да има сексистички и родово базирани коментари, „комплименти“ и разни понуди за брзо унапредување. Пред да сме само убави, кукли за дома седење, готвачки за ручек спремање и слики со вечни насмевки за украс во дневните соби – ние сме паметни!. Ние сме вредни и ние сме еднакви! Продолжив да размислувам и се сеќавам за силувањето на прабаба ми во брак, за шамарот на баба ми за кој мораше да молчи, за пропуштената можност на мајка ми за кариера, за сексистичките коментари на сестра ми на работа, за споделените слики без дозвола на другарка ми. Си размислувам и ова не се само моите силни жени кои ме донесоа до тука ова се и вашите силни жени. Ама јас не сум толку силна за да седам и да го молчам сето ова и со насмевка да поминам низ животот. Долга беше ноќта затоа доста ми е од размислување и си смислив за да не ни се повторат овие призвуци покрај сите овие наметнати улоги “Јас најдобро е да си бидам образована кучка”.
Можеби само така вакви призвуци нема да слушам на празник.
Се смирив, седам и не размислувам повеќе… празникот веќе помина.