Во Чачак утре наставата нема да биде одржана во ниту едно основно и средно училиште. Ова не е единствениот град каде сите училишта ќе ја запрат на наставата. Додека тука работите се јасни, во многу градови и училишта ситуацијата е потполно конфузна. Властите и синдикатите даваат сосема различни процени за тоа колку наставници утре ќе влезат во училниците.
Кон крајот на декември, учениците престанаа да одат на училиште, бидејќи Министерството одлучи распустот да почне пред време. Формален повод беше дека е загрозена безбедноста на децата и воспитувачите поради блокадите.
Заради тоа, едно од бројните училишта кои одлучија да ја прекинат работата е и новосадската гимназија „Светозар Марковиќ“, една од првите во Србија која во средината на декември се солидаризираше со студентите и со нивните барања.
„Ние сме модел на однесување во кризни ситуации. Ако некој треба да го преземе ризикот за одредено дејство, тогаш сме тоа ние, возрасните, наставниците на чело со директорката“, вели Татјана Вукадиновиќ, директорка на Гимназијата „Светозар Марковиќ“ во Нови Сад.
Причините што ги наведуваат за протестите се јасни – поддршка на студентските барања, почитување на Уставот, стоп за омаловажување на воспитувачите, за загрозена безбедност на учениците и за општата деградација на угледот на професорите.
„Сето ова што го прават е обид за обоена револуција“, изјави Александар Вучиќ, претседател на Србија.
„Ова е вистински пример за обид за обоена револуција“, рече Милош Вучевиќ, претседател на Влада на Србија.
„Сето тоа го прават странски инструктори и ние веќе знаеме кој работи и како работи“, објасни Вучиќ.
Изгледа дека практиката на директна демократија од студентските пленуми премина во индивидуалните школски колективи. Така, на пример, гимназијата во Лозница, која ја прекина наставата во декември поради поддршка на студентските барања, ќе работи во понеделник. Директорот вели дека така одлучила мнозинството во наставниците.
„Сето тоа беше сосема демократски, без какви било притисоци, апсолутно не беше вршен притисок на кој било вработен бидејќи видов дека нема смисла да се прави тоа, особено во вакви деликатни ситуации како што е оваа, почнувајќи од декември па натаму“, вели Дарко Несторовиќ, директор на Гимназијата „Вук Караџиќ“ во Лозница.
Колку училишта во понеделник нема да работат? Претседателот на Србија, чии надлежности не се однесуваат на тоа, тврди дека има прецизни податоци.
„Имаме 1773 училишта, имаме податоци за 1758. Од тие 1785, 1442 училишта ќе работат сосема нормално – 82,1 проценти. 199 училишта ќе работат, но не сите наставници ќе работат и во 94 училишта – нешто помалку од пет проценти ќе се обидат да направат целосен прекин на работата што е апсолутно незаконски“, изјави Вучиќ.
„Она што го имаме на терен е тоа дека во многу градови скоро ниту едно училиште нема да работи. Во Зрењанин не постои основно и средно училиште што ќе работи утре, истата одлука ја донеле и градовите како Краљево, Чачак, Крагуевац. Во Белград барем 50 проценти од училишта нем да работат“, вели Душан Кокот од Независниот синдикат на просветни работници на Србија.
Министерката за образование испрати писмено предупредување до сите директори на основни и средни училишта да овозможат работа во понеделник, а премиерот им се закани.
„Училиштата мора да работат. Кој нема да работи, ќе дојде просветната инспекција “, изјави Милош Вучевиќ.
„Ова се токму тие моменти кога знаеме дека нашиот потег нема легална основа, нема легалитет, но некако чврсто сме уверени и носени од чувство дека има легитимитет, имајќи предвид што е она што го застапуваме“, смета Татјана Вукадиновиќ, директорка на Гимназијата „Светозар Марковиќ“ во Нови Сад.
Денес денот според се изгледа, ќе биде конфузен. Но, ќе послужи за пребројување, од што зависи како ќе изгледа остатокот од неделата.
„Понеделникот ќе даде одговор за вторник. Доколку состојбата остане ваква каква што изгледа и покрај сите притисоци, сосема е јасно какви одлуки ќе бидат донесени за наредните денови“, вели Кокот.
Синдикатите се договориле со Владата во врска со примањата, но школските колективи инсистираат — парите не се најголем проблем со кој се соочуваат просветарите, а не се ни сите на продажба.