Меѓу нив се наоѓаат ученици што следат трогодишни стручно-образовни програми, за кои се доделени 150 стипендии. Објавени се и имињата на 300 ученици од угостителство, туризам, шумарство, дрвна индустрија, градежништво и геодезија, земјоделство-рибарство и ветеринарство, машинство, текстил, кожа и сродни области – сектори кои традиционално се поддржуваат заради нивната важност за пазарот на труд.
Во групата на талентирани ученици, доделени се 150 стипендии за млади со посебни способности надвор од уметничките струки, а дополнителни 150 стипендии им припаднаа на талентираните спортисти од јавните и приватните средни училишта. Овогодишната распределба опфати и 180 ученици со посебни потреби, како и 50 деца без родители, за кои стипендијата претставува значајна поддршка. Уметничките таленти, пак, се застапени со уште 50 стипендии во категоријата посветена исклучиво на нив.
Од МОН појаснуваат дека секој апликант ќе го добие своето решение електронски, преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk, во делот „Мои апликации“ под рубриката „Документ за одлука“. Притоа, се истакнува дека незадоволните кандидати не треба да поднесуваат приговори сè додека не го добијат официјалното решение.
Откако решението ќе биде доставено, незадоволните ученици или родители имаат право на жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и инспекциски надзор во втор степен, во рок од 15 дена од приемот. Комисијата се наоѓа во зградата на МРТВ, на Бул. „Гоце Делчев“ бр. 18, на 11. кат.
Истовремено, Министерството нагласува дека добитниците на стипендии не треба да поднесуваат испечатени и потпишани договори. Сите права и обврски во врска со користењето на стипендијата се веќе содржани во решението што го добиваат електронски.
