Министерството за правда на САД објави илјадници нови документи поврзани со осудениот сексуален престапник Џефри Епстајн, но најмалку 550 страници во тие досиеа се целосно зацрнети, јави CBS.
Документите содржат фотографии на лица од неговото опкружување, снимки од неговите резиденции и истражни записници со детали за обвиненијата против него. Сепак, обемот на редакции предизвика критики од политичари, додека Министерството тврди дека постапувало според законот.
Три последователни документи, вкупно 255 страници, се целосно зачрнети, а документот од 119 страници наречен „Големо жири – Њујорк“ исто така е во целост редактиран. Во него се разгледувале докази за можна замена на обвинението против соработничката на Епстајн, Гислен Максвел.
Дел од фотографиите објавени со документите се делумно редактирани, вклучувајќи делови од лицата на Бил Клинтон, Мајкл Џексон и други јавни личности, но самите личности остануваат видливи.
Министерството за правда наведува дека редакциите се направени за заштита на личните податоци на преживеаните, отстранување на насилни содржини и материјали за сексуално злоставување деца, како и за заштита на тековни истраги.
Според CBS, повеќе од 200 адвокати ги прегледале документите за да ги идентификуваат деловите кои треба да се редактираат, а процесот на објавување ќе продолжи постепено.