Објавена нова детална слика на Млечниот Пат

Импресивната фотографија е добиена со специјализираниот радиотелескоп Atacama Large Millimeter/submillimeter Array (ALMA) во Чиле

Научниците објавија досега најдетална и најголема слика од галаксијата Млечен Пат, во која се наоѓа и нашиот Сончев систем.

Импресивната фотографија е добиена со специјализираниот радиотелескоп Atacama Large Millimeter/submillimeter Array (ALMA) во Чиле. Според истражувачкиот тим, станува збор за најобемната снимка досега направена од центарот на нашата галаксија.

Главниот истражувач, професорот Стивен Лонгмор од Liverpool John Moores University, истакна дека оваа слика не само што ја воодушевува јавноста, туку е и клучна за разбирање на потеклото на Земјата.

„Условите во центарот на нашата галаксија – екстремни температури, притисоци и турбуленции – се многу слични на оние во раниот универзум, кога се формирале повеќето ѕвезди што постојат денес“, изјави Лонгмор за The Guardian.

Поглед кон „срцето“ на галаксијата

Истражувањето, спроведено во рамки на проектот ALMA CMZ Exploration Survey, опфатило повеќе од 160 научници. Пред оваа снимка, истражувачите можеле да набљудуваат само изолирани делови од центарот на Млечниот Пат.

„Тоа беше како да имате фотографии од неколку улици, но да немате карта од целиот град“, објасни Лонгмор.

Неочекувани откритија

Научниците биле изненадени од долгите, тенки нишки што ги открил телескопот.

„Овие структури се текови од материја што се движат и учествуваат во формирањето на ѕвезди и планети – нешто што не го очекувавме“, рече Лонгмор.

Следен чекор – уште подлабоко во вселената

Истражувачите сега се надеваат дека ќе добијат време за набљудување со James Webb Space Telescope или со Extremely Large Telescope, кој моментално се гради во Чиле.

Комбинирањето на набљудувања на различни бранови должини овозможува создавање слики во боја каде секоја боја носи различна физичка информација. Така, научниците можат да утврдат, на пример, дали судир на облаци од гас довел до формирање нови ѕвезди – и да ја разберат причинско-последичната врска зад тие процеси.

Иако тимот поднел барање за време на телескопот „Џејмс Веб“, конкуренцијата е огромна. „Толку е преплавен со апликации што шансите се прилично мали“, заклучи Лонгмор.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни