Објавен трејлерот за долгоочекуваното продолжение – „Ѓаволот носи Прада 2“

Објавен е трејлерот за „Ѓаволот носи Прада 2“. Мерил Стрип и Ен Хатавеј повторно во светот на модата, моќта и интригите. Премиера на 1 мај 2026.

Дваесет години откако филмот „Ѓаволот носи Прада“ стана култен хит, Мерил Стрип и Ен Хатавеј се враќаат во немилосрдниот свет на високата мода, моќта и канцелариските интриги.
20th Century Studios го објави новиот трејлер за „Ѓаволот носи Прада 2“, кој нуди подетален поглед во продолжението чија премиера е закажана за 1 мај 2026 година, пренесува Variety.

За што ќе раскажува продолжението?

Во новиот филм, приказната повторно ја следи Миранда Пристли (Мерил Стрип), главната уредничка на списанието Runway, која се соочува со падот на печатените медиуми и се обидува да го пронајде своето место во индустрија што полека згаснува.

Миранда влегува во директен судир со Емили (Емили Блант) – нејзината поранешна асистентка, која во меѓувреме станала моќна извршна директорка на луксузна модна групација, а токму нејзините рекламни буџети се клучни за опстанокот на Runway.

Потсетување: успехот на првиот филм

Оригиналниот филм ја следеше Андреа Сакс (Ен Хатавеј), млада дипломка која сонува да стане новинарка во Њујорк. Таа се вработува како помлада асистентка кај Миранда Пристли и брзо се соочува со суровата реалност на работата, каде што кариерата почнува да ги уништува пријателствата и љубовниот живот.

Филмот доживеа огромен критички и комерцијален успех, со заработка од 326 милиони долари на светските кино-благајни.

Актерска и авторска екипа

Своите улоги во продолжението ги повторуваат: Мерил Стрип, Ен Хатавеј, Емили Блант, Стенли Тучи, Трејси Томс и Тибор Фелдман

Нови членови на актерската екипа се Кенет Брана и Патрик Брамал, кои ќе ги толкуваат партнерите на ликовите на Стрип и Хатавеј.

Во филмот се појавуваат и:
Симон Ешли, Луси Лиу, Б.Џ. Новак, Џастин Теру, Лејди Гага и Полин Шаламе, како и неколку бродвејски ѕвезди и комичари.
Адријан Грениер, кој во првиот филм го глумеше дечкото на Андреа, нема да се појави во продолжението.

Режисерот Дејвид Франкел и сценаристката Алин Брош Мекена се враќаат и за вториот дел, заедно со продуцентката Венди Финерман.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни