Во текот на вчерашното попладне, како и во текот на изминатата ноќ, територијата на Македонија беше зафатена од нова многу голема влажна воздушна маса, која доаѓа од север.
Во ваква ситуација, се најавуваат нови обилни врнежи, кои во западните, југозападните и во северозападните предели од државава ќе бидат од дожд и снег во пониските места, понекаде и влажен снег, додека на повисоките места и на планините ќе врне снег. На планините значително ќе се зголеми снежната покривка (се очекува нов снег од над 60/70 цм), додека на повисоките места таа ќе биде со висина од 20 до 30 сантиметри, понекаде и до 40 цм, додека снежна покривка во погоре споменатите предели ќе се формира и во повеќето градови, понекаде со висина од 10 до 20 цм, локално и повеќе.
Ќе дува ветер од северен и од североисточен правец, и истиот повремено ќе засилува на интензитет. На планините ќе има услови и за појава на снежни наноси.
Што се однесува до Скопскиот регион, се очекуваат врнежи од дожд, повремено од дожд и снег во делови од Скопската котлина, додека во повисоките предели од котлината, како и на околните планини ќе врне снег и ќе се формира нова снежна покривка.
Температурите ќе се искачуваат во интервалот од -1 до 6 степени, во Скопје температурата ќе се искачи до околу 3 степени.
Врнежите од снег изминатата ноќ создадоа вистински проблеми по магистралните и регионалните патишта.
Планинскиот премин Плетвар беше целосно забелен со снег. Сообраќајот се одвиваше отежнато поради снежната покривка но и намалената видливост. Врнежите од снег беа интензивни, а поради спорото движење на автомобилите на места од делницата се создаваа долги колони.
Десеттици возила вчера вечер загалвија на Попова Шапка поради непроодност на патниот правец кон Тетово. Забрана за сообраќај на товарни возила е воведена и на Пресека и на планинскиот превој Буково.
Силниот снег што го зафати подрачјето на Битола, доцна синоќа предизвика прекини на електричната енергија на повеќе локации низ градот и околните населби. Од ЕВН информираат дека дефектите се последица на натежнат снег на електричните кабли, а нивните екипи се на терен за да ги санираат проблемите информираат од Центарот со управување на кризи.