Обилните врнежи од дожд изминативе денови предизвикаа значително покачување на водостоите на реките низ државата, покажуваат утринските податоци на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Според мерењата до 7:30 часот, речиси сите поголеми водотеци се над февруарскиот просек, а на одредени места зголемувањето е и повеќекратно.
Треска кај Македонски Брод четирипати над просекот
Најизразена е состојбата со реката Треска кај Македонски Брод, каде водостојот достигна 196 сантиметри – што е четири пати повеќе од просечните 49 сантиметри за февруари.
Значително зголемување бележи и најголемата река во земјава – Вардар. Кај Јегуновце се измерени 220 сантиметри, односно два и пол пати повеќе од вообичаеното ниво за овој период од годината.
Покачен водостој на Вардар е регистриран и кај Скопје, Велес и Демир Капија.
Зголемени нивоа и на други реки
Според УХМР, пораст на нивото на водата има и на Црна Река кај Новаци, Брегалница кај Берово, Пчиња кај Катлановска Бања, Сатеска кај Ботун, Црн Дрим кај Ложани.
За разлика од реките, нивоата на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро се во рамките на февруарскиот просек.
Кичево најкритично – евакуирани 250 жители
Поради излевање на водотеци, под вода се најдоа дел од земјоделските површини, а поплавени се и домови и објекти.
Најтешка е состојбата во Кичево и околината, каде поради поплавени куќи на повеќе улици се евакуирани 250 жители. Тие се сместени во спортската сала „Христо Узунов“, каде им се обезбедени храна, вода и хигиенски средства.
Екипи на ЈП „Комуналец“ и локалната Територијална противпожарна единица, во координација со Центарот за управување со кризи, работат на испумпување вода од подрумите на улиците „Прилепска“, „Пиринска“, „Први Мај“ и „29 Ноември“.