Во Москва бил извршен обид за атентат врз генерал-потполковникот Владимир Алексеев, висок функционер на руското Министерство за одбрана, соопшти Истражниот комитет на Русија.
Според официјалната изјава на портпаролката на Истражниот комитет, Светлана Петренко, инцидентот се случил на 6 февруари во станбена зграда на Волоколамскиот автопат. Неидентификувано лице испукало неколку куршуми, по што избегало од местото на настанот.
Генерал-потполковникот бил пренесен во градска болница, каде што му била укажана медицинска помош. Засега нема официјални информации за тежината на повредите.
Руските истражни органи соопштија дека е покрената истрага, а во тек е потрага по напаѓачот. Не се соопштуваат детали за можниот мотив, ниту дали постои сомнеж за организирана група или политичка позадина на нападот.
Повеќе информации се очекуваат по завршување на истражните активности.
