Поранешниот американски претседател Барак Обама конечно јавно ја поддржа актуелната потпретседателка Камала Харис во нејзината трка да биде демократската кандидатка за претседател на САД на изборите во ноември.
По повлекувањето на актуелниот претседател Џо Бајден од трката, Обама го поздрави само тој потег, но тогаш не ја спомна неговата поддршка за Харис, поради што одредени медиуми шпекулираа дека тој има друг фаворит. Сепак, медиумите изминативе денови објавија дека Обама и Харис биле во комуникација и дека поранешниот претседател се понудил да ѝ помогне на Харис да успее во нејзините напори.
Во видеото кое што го објави Обама се гледа како тој и неговата сопруга Мишел ѝ се јавуваат на Харис и ѝ кажуваат дека се горди што ја поддржуваат и дека ќе направат се што можат за да ѝ помогнат на изборите.
Харис се заблагодарува за поддршка и вели дека едвај чека да работи повеќе со нив двајца.
Изборите во САД ќе се одржат на 5 ноември, а пред да се најде на ливчето, Харис треба и официјално да ја добие поддршката од Демократската партија на конвенција што ќе се одржи во август. Сепак, речиси сигурно е дека таа ќе биде кандидатката, откако делегатите одлучија да ја поддржат по повлекувањето на Бајден. Како противник на Харис за претседателските избори ќе биде Доналд Трамп, кој веќе ја доби поддршката од неговата партија, како и Роберт Ф. Кенеди Џуниор, кој настапува како независен кандидат.