Во издание на „Едуа мак“ во печат излезе сликовницата „Кошница со калинки“ на македонската авторка Марина Мијаковска.
„Кошница со калинки“ од Марина Мијаковска е инвентивна, едукативна сликовница наменета за децата од предучилишна и од рана училишна возраст.
Во приказната Мијаковска ги едуцира децата на сликовит начин да дознаат каде, кога и како расте, цути и созрева калинката, каква боја има цутот, а каква плодот, што содржи и зошто е здраво да се јадат калинки. Книгата ја развива љубопитноста кај децата и говорните вештини преку ликот на девојчето со име Калина која набљудувајќи го дрвото со калинки во бабината градина, учи за нив и го пренесува знаењето на својата другарка Лина. Тајната на Калина се крие во благословот на кошницата со собраните калинки.
Сликовницата е живописно илустрирана, а илустрациите се во функција на текстот со што ја оживуваат приказната со изразен приказ на дејство и динамичност. Тие го поттикнуваат мисловниот процес и ја развива имагинацијата кај детето.