Објавена книгата „Падот на Југославија и осамостојувањето на Македонија“ од новинарот Ненад Баткоски

На околу 350 страници, формат Б5, поместени се голем број статии, коментари, интервјуа, репортажи, извештаи и други новинарски форми, со кои авторот во период од преку 40 години сведочел за општествените  промени, особено оние во Македонија

Во издание на „Бата прес“, излезе од печат книгата „Падот на Југославија и осамостојувањето на Македонија“, од публицистот, поранешен новинар, уредник и преведувач Ненад Баткоски.

На околу 350 страници, формат Б5, поместени се голем број статии, коментари, интервјуа, репортажи, извештаи и други новинарски форми, со кои авторот во период од преку 40 години сведочел за општествените  промени, особено оние во Македонија.

Текстовите ги објавувал во угледните дневни весници „Борба“ (Белград и Загреб), „Република“, „Нова Македонија“, „Вечер“, во весникот на демократската пролет „Млад борец“, во неделникот „Време“ од Софија, како и во франкофонските печатени медиуми „Ле нуво котидиaн“ (Le nouveau quotidien) од Лозана, „Диагонал ест уест“ (Diagonales est-ouest) и „Ом е либерте“ (Hommes & libertés) од Париз.

Во книгата се поместени и интервјуа направени пред изборите 1990 година, со лидерите на водечките политички партии д-р Гане Тодоровски, м-р Петар Гошев, Невзат Халили, Љупчо Георгиевски и Стојан Андов…Тука се поместени и интервјуата со Хенрик Сокалски од УНПРЕДЕП, Владимир Ралев од македонската дијаспора, со Симон Трпчески, тогаш млад и надежен пијанист; Сониа Зоран, швајцарска новинарка и автор на книгата „Распаѓањето на Југославија“ (1993 година), угледниот новинар-фоторепортер и подоцна бизнисмен Роберт Јаки…

Авторот за свој голем успех ги смета и текстовите со кои е спречена изградбата на цементарница во непосредна близина на Белград, како и текстовите за рехабилитацијата на Ченто и другите бурни настани на македонската политичка сцена на крајот на осумдесеттите и првите години од деведесеттите години на минатиот век, вклучувајќи го и периодот кога бил одговорен уредник на МИА (1999 – 2000).

Ненад Баткоски е роден 1958 година во Вевчани. Основно училиште завршил во родното место, а гимназија во Струга. Дипломирал новинарство на Факултетот за политички науки во Белград. Работел како новинар во весниците „Борба“ (1979 – 1991), „Република“ (1991 до 1993), „Долар“ (1994 и 1995) и други, а бил главен уредник на новинската агенција МИА од 1999 до 2000 година.

Сега е главен уредник на издавачката куќа „Бата прес“ и преведувач книжевни дела. На македонски јазик се објавени негови преводи на 30 книги.

Автор е на книгата „Македонска бизнис елита“ (Бата прес, Скопје, 1996 година) и коавтор на книгата „Димитар Илиевски – легенда на македонскиот шах“ (заедно со Димитар Илиевски и Љубомир Хаџи Манев, Бата прес, Скопје, 2017 година).

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни