Повеќе од 1.640 загинати, 139 исчезнати и 3.408 повредени е најновиот биланс на жртвите од разорниот земјотрес што во петокот го погоди Мијанмар, јавуваат агенциите повикувајќи се на податоци од воената хунта која е на власт во таа земја, додека во Банкок официјално беше соопштено дека на Тајланд загинале 10 лица, а 78 се водат како исчезнати.
Според првичните проценки на опозициската Влада на национално единство (НУГ) на Мијанмар, во земјотресот со магнитуда од 7,7 степени според Рихтерова скала биле оштетени најмалку 2.900 згради, 30 сообраќајници и седум мостови.
Поради значителни штети, привремено беа затворени аеродромите во главниот град Најпјидав и Мандалај, се наведува во соопштението на НУГ, групацијата составена од членови на демократски избраната влада која беше соборена од војската во 2021 година, со што започна граѓанската војна во Мијанмар.
Извори на Ројтерс изјавиле дека се срушила контролната кула на аеродромот во главниот град.
Американскиот геолошки институт предвидува дека бројот на жртви во Мијанмар може да надмине 10.000, додека економската штета може да биде поголема од годишниот БДП на земјата.
Челниците на воената хунта во Мијанмар апелирале во петокот за меѓународна помош, а многу земји веќе започнале да помагаат на таа земја, при што Русија, Индија, Малезија и Сингапур испраќаат авионски помош и спасувачки тимови.
Јужна Кореја најави дека преку меѓународни организации ќе обезбеди почетна хуманитарна помош за Мијанмар.
Помош најавиле и Соединетите Американски Држави, кои имаат тензија со мијанмарската војска, вклучувајќи го челникот на воената хунта Мин Аунг Хлаинг.
Кинескиот претседател Си Ѓинпинг телефонирал со лидерот на хунтата, соопшти кинеската амбасада, а Пекинг најави помош поголема од 13 милиони евра.