Податоците ги објави компанијата Delaware North, која го управува кетерингот на Вембли. Според весникот The Times, на последните концерти на Oasis продадени се во просек 250.000 пива по вечер, што е далеку повеќе од претходните рекордери – Coldplay со 120.000 пива во 2024 година и Тејлор Свифт со 40.000 пива на нејзината Eras Tour минатата година.
Со цена од 8,20 фунти по пиво и околу 80.000 посетители по концерт, тоа значи во просек по три пива на секој фaн. Со оглед дека дел од публиката не пие алкохол или избира други пијалаци, вистинската бројка по љубител на пиво е уште поголема.
Логистички предизвици и „војна за простор“
Големата побарувачка ги натерала организаторите креативно да го решат прашањето на складирање на пивото. Според магазинот The Caterer, кетеринг тимот дури водел „војна за простор“ со екипите за одржување и чистење, користејќи шкафови и простори под ескалатори за да сместат околу 4.500 буриња пиво по концерт.
Оваа масовна потрошувачка не се ограничува само на стадионот – пабовите околу Вембли, особено оние во близина на метро-линиите, биле „полни до таван“ на деновите кога свиреле Oasis.
„Ова е добредојден поттик за индустријата, која изминатата година не помина лесно поради зголемувањето на минималната плата и придонесите за национално осигурување,“ изјави Мартин Вилијамс, извршен директор на Evolv.
Турнејата што го полни градот – и чашите
Oasis ја започнаа турнејата Live ‘25 со два концерта во Кардиф, по што следуваа пет настапи во нивниот роден Манчестер. Во Велс, една микропиварница за BBC изјави дека продажбата им се зголемила четирикратно за време на концертите на бендот, додека во извештајот на Conference News стои дека продажбата на пиво и сидер скокнала за 56 проценти.
Економското влијание е видливо и надвор од индустријата за пиво – приходите од концертите во Хитон Парк, околу 250.000 фунти, ќе бидат наменети за поддршка на локалните мали музички клубови во Манчестер.
Глобална турнеја со локален ефект
По настапите во Лондон овој викенд, Oasis ќе продолжат во Единбург и Даблин, а потоа заминуваат на светска турнеја која вклучува Северна и Јужна Америка, Австралија, Јужна Кореја и Јапонија. Во септември се враќаат на Вембли за уште два концерта, а во тек се преговори за настап во Италија.
Музичките критичари турнејата ја опишуваат како „Oasis редизајниран за 21 век“ – спектакл кој комбинира иконични хитови со визуелен пејзаж инспириран од поп-арт и психоделија, без да го засени звукот.
Очигледно, покрај музичкото наследство, турнејата на Oasis остава и силен гастрономски – поточно пивски – печат во градовите низ кои поминува.