Ој Вардаре остана без вода во Гостивар?

Вардар остана без вода во Гостивар

Вардар остана без вода во Гостивар. Гостиварчани реагираат поради жалната слика на пресушената река која ја гледаат во изминатите денови. Во поголемиот дел, особено поширокиот, вода речиси и да нема, па се гледаат камења и фрлениот отпад, ќеси и вреќи со ѓубре.

Граѓаните алармираат и реагираат за лошата состојба на реката. Стравувајќи од еколошка катастрофа од поголеми размери прашуваат „Зошто Вардар е оставен без вода?“, пишува „Гостиварпрес“.

Од АД ЕСМ отфрлаат одговорност за нивото на водата во реката Вардар и наведуваат дека по барање на фирма заради градежни зафати, мавровските хидроелектирани привремено не работат, но, како што појаснуваат, хидроелектраните не го обезбедуваат и не можат да влијаат на биолошкиот минимум на реката.

„Имено, по барање на градежната компанија „Пелагонија” од Гостивар која врши санација на мостот на излезот од Гостивар на регионалниот пат кон Кичево и Охрид, поради изведување на бетонски работи во непосредна близина на коритото на реката Вардар, хидроелектраните се привремено надвор од функција. Овој прекин  во производството на електрична енергија започна на 15 септември и ќе заврши на 30 септември. Во овој контекст, би сакале да појасниме дека хидроелектраните во Маврово не го обезбедуваат, ниту пак можат да влијаат на биолошкиот минимум на реката Вардар. Нашите оперативни процедури се различни од природниот тек на реката и не се причина за нејзината моментална состојба. Нашите операции се спроведуваат во целосна согласност со сите еколошки регулативи и законски барања, и отфрламе било каква одговорност за природните флуктуации на нивото на водата во реката Вардар.“, се вели во ставот  од ЕСМ.

Од подружницата на водостопанство во Гостивар за Gostivarpress.mk изјавија дека моментално главниот канал за наводнување им е исклучен и дека периодов речиси и да не користат вода од Вардар за наводување на нивите.

Пред неколку дена на социјалните мрежи се појавија и фотографии и видеа од изумрени риби во Вардар во Гостивар.

Според медиумот, до сега ниедна инспекциска служба не излезе со официјална информација околу проблемот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни