Нуркачи во Франција пронајдоа остатоци од авион од 1968 година

Француските полициски нуркачи пронајдоа во морето кај Ница остатоци од француски патнички авион кој се урна пред речиси 60 години, при што загинаа 95 лица, објавија денеска француските медиуми.

Француското правосудство истражува сомнежи дека авионот бил случајно соборен од француските вооружени сили.

Според јавниот обвинител во Ница, нуркачите на длабочина од околу 2.300 метри ги пронашле опашката и двата мотора од авионот, за време на потрагата наредена од Обвинителството. Надлежните институции сега разгледуваат дали истрагата ќе се спроведе под вода или остатоците од авионот ќе бидат извлечени на површината.

Авионот на „Ер Франс“, кој летал од Ајачо на Корзика кон Ница, се урнал во морето на 11 септември 1968 година. Во несреќата загинале сите патници и членови на екипажот. Со децении во Франција постојат сомнежи дека леталото било случајно погодено од воен проектил и дека случајот бил прикриен.

Непосредно пред падот, пилотите пријавиле пожар во авионот. Сведоштва на очевидци и документи од морнарички бродови кои учествувале во потрагата по несреќата наводно исчезнале. Обвинителството во Ница истражува каде завршиле тие документи и дали имало обид за опструкција на правдата.

Во 2018 година, француското правосудство соопшти дека „многу сериозно“ ја разгледува хипотезата дека од воена база на Француската ривиера бил случајно лансиран проектил. Сепак, декласификацијата на воените документи досега не донесе целосно разјаснување на случајот.

Минатата година, обвинителите оценија дека „неколку сериозни докази, особено изјави на очевидци, но и материјални докази, укажуваат дека цивилните и/или воените власти можеби се обиделе да ја опструираат истрагата за вистинските причини и околности на падот на авионот ‘Каравел’“, објави францускиот весник „Либерасион“. Пријавениот пожар во леталото, според истражителите, се совпаѓа со сомнежите дека моторот можеби бил погоден од проектил.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни