Техеран соопшти дека во израелско-американските воени операции бил погоден нуклеарниот комплекс во Натанц, додека Меѓународната агенција за атомска енергија засега вели дека нема индикации за оштетени постројки.
Иранскиот амбасадор при Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА), Реза Наџафи, изјави дека „мирните и заштитени нуклеарни постројки“ биле повторно нападнати. На прашање на Ројтерс која локација е погодена, тој одговорил: „Натанц“.
Комплексот во Натанц е едно од клучните ирански постројки поврзани со програмата за збогатување ураниум. САД бараат Техеран да се откаже од збогатувањето ураниум на своја територија, сметајќи дека тоа претставува пат кон развој на нуклеарно оружје.
Од друга страна, генералниот директор на ИАЕА, Рафаел Гроси, изјави дека агенцијата засега нема никакви наводи дека нуклеарните постројки биле оштетени или погодени. Тој рече дека се прават обиди за воспоставување контакт со иранските нуклеарни регулаторни власти, но дека засега нема одговор.
Гроси ја оцени ситуацијата на Блискиот Исток како „многу загрижувачка“ и повика на максимална воздржаност со цел да се избегне понатамошна ескалација.
ИАЕА со месеци бара од Иран појаснување за состојбата со залихите од околу 440 килограми збогатен ураниум по претходните напади, како и целосно обновување на инспекциите во клучните постројки во Натанц, Фордо и Исфахан.
Доколку се потврди дека е погоден нуклеарен објект, тоа би можело дополнително да ја засили меѓународната загриженост и да ја усложни дипломатската комуникација меѓу Техеран и западните земји.