Во скопското село „Побожје“ се одржа новото издание на мултимедијалниот фестивал „КомшиLOOK“ кој изненади со одличната организација и концепт кој ретко се сретнува кај нас. Освен што уметноста у културата целосно го заземаа селото блиску до Скопје, тие овозможија и комуникација на жителите на градот и селаните, еден нов простор за поврзување и зближување, несекојдневно бегство од градот и одмор. Од многу перспективи, одржувањето на фестивалот е едно од најпријатните изненадувања за културната сцена кај нас, а тоа се забележуваше и во задоволните посетители и гости кои шетаа од еден до друг настан истражувајќи ги галериите и работилниците под отворено небо.

Програмата оваа година опфати голем број на изведувачи, ликовни уметници, работилници за вештини и други активности за зближување на посетителите, кои не само што го поттикнаа нивното љубопитство, туку и комуникацијата меѓу посетителите и селаните од Побожје, кое беше посебно убава приказна за сведочење на настанот. Секој двор на куќите во селото со посебна ознака ја најавуваше активноста која ќе се случува таму, а на самиот влез, во таканаречената „кооперација“, гостите добиваа мапи со ознаки. Оттаму, започнуваше нивното истражување на секој селски двор и магијата која се крие внатре во него.

Достапноста на селото со јавен превоз и добрата организација беа клучни за голем број на граѓани да го посетат Побожје минатиот викенд. Овој фестивал, кој се пресели надвор од градот, покажа преку овој настан дека не само што е важна децентрализацијата на културата, туку и дека мора да се преземаат конкретни активности во насока на менување на оваа состојба. Шаренилото од активности, големиот број на уметници кои изложуваа, свежо приготвената храна, работилниците за различен број интереси и задоволството кај посетителите го одбележаа ова издание на „КомшиLOOK“ кое ќе остане запаметено.

Она што останува да се забележи од бројните уметнички активности и целокупната атмосфера која преовладуваше минатиот викенд во Побожје, е дека навистина ни недостасуваат повеќе вакви активности кои не само што овозможуваат бегство од градот, туку и средба со природата, со културата во една поинаква форма. Средба и со нашите сограѓани, кои често ги одминуваме додека брзаме во секојдневните активности. Во ова, уметноста има посебна улога која не смее да се одмине – вмрежување и зацврстување на односите меѓу нас како граѓани, но и како луѓе на кои поврзувањето со околината им е потребно повеќе од кога било.

За реализацијата на овој настан се погрижи тимот составен од: Стефан Александар Јовановски, Ангела Димеска, Бисера Гиновска, Искра Димитрова, Стефан Момиќ, Дејана Петрушевска, Андреј Игњатовски, Александар Мутер Атанасовски, Лоран Бајрами, Денис Јагџи, Анастасија Дулер, Елена Николовска, Андријана Ѓелевска и Дамјан Стојановски заедно со жителите на село Побожје. Честитки за нивната посветеност и идејата. Овој фестивал долго ќе остане во колективната меморија на сите кои го посетија.