Холандска фондација истражува врска помеѓу инфекциите и ракот

Холандската организација за рак KWF објави дека финансиски ќе поддржи континуирано истражување насочено кон утврдување на можна врска помеѓу респираторните инфекции, вклучувајќи ги Ковид-19 и грипот, и реактивацијата на неактивните клетки на ракот кај луѓето.

Претходните меѓународни истражувања спроведени на глувци за време на пандемијата покажаа дека респираторните инфекции можат да ги „разбудат“ неактивните клетки на ракот, клетки кои не можат да се детектираат со скенери, но можат да останат во телото со години. Поточно, беше откриено дека бројот на неактивни клетки на рак на дојка кај глувците се зголемил стократно во краток временски период по инфекцијата со вирусот.

Следната фаза од истражувањето, која ќе ја води онкологот и имунолог Ханс Нијман, има за цел да ја утврди вистинската врска помеѓу инфекциите и реактивацијата на клетките на ракот кај луѓето.

„Фактот дека може да постои врска не значи автоматски дека вирусот на грип предизвикува реактивација на клетките на ракот“, изјави Нијман за холандскиот портал NU.nl. Тој нагласува дека поранешните пациенти со рак не треба да паничат ако добијат грип, бидејќи постои значајна разлика помеѓу асоцијацијата и причинско-последичната врска. „Студијата на глувци сугерира силна врска, но ова сè уште не е докажано кај луѓето“, додаде тој.

Професорот Роел Вермелен од Универзитетскиот медицински центар во Утрехт, кој исто така учествуваше во американското истражување, откри податоци од Велика Британија кои укажуваат на можна врска кај луѓето. Неговата анализа покажа дека поранешните пациенти со Ковид-19 во првата година од пандемијата, на кои првично им бил дијагностициран рак пред повеќе од десет години, имале двојно поголема веројатност да умрат од враќање на ракот во следните две години.

Новото истражување ќе испита и дали вакцинацијата, која не била достапна во раните фази на пандемијата, може да го намали ризикот од враќање на ракот. Научниците веруваат дека вакцините би можеле да играат заштитна улога бидејќи го штитат имунолошкиот систем од негативните ефекти на инфекциите, според „Дач њуз“.

Дополнително, проектот ќе фрли нова светлина врз тоа зошто неактивните клетки се реактивираат кај некои луѓе, а не кај други, што би можело да биде клучно за превенција и идни третмани.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни