Новосадските актери ја носат „Ана Каренина“ на „Охридско лето“  

Драмскиот репертоар на 63-тото „Охридско лето“ продолжува вечерва со театарската претстава „Ана Каренина-Во љубовта нема повеќе и помалку“  од Лав Николаевич Толстој, во режија на Дејан Пројковски, а во изведба на театарот Нови Сад „Ujvideki Szinhaz” од  Србија. 

Претставата ќе се одигра на сцената во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот. Улогата на Ана Каренина ја игра актерката Береш Марта, Алексеј Каренин е Атила Немет, а во улогата на Алексеј Вронски, публиката ќе го види Арпад Месарош.  Покрај нив, настапуваат плејада други актери, дел од овој новосадски театарски ансамбл.  

Кореограф на театарската претстава е Олга Панго, сценограф Валентин Светозарев, а костимограф Марија Пупучевска.  

-Нашата Ана Каренина е една жена – всушност, не е важно дали е жена или маж – човек кој сака да биде среќен. Преку нејзиниот лик отвораме многу врати и се занимаваме со тоа што всушност значи љубовта, колку човекот е подготвен да се жртвува, колку е подготвен да се надмине себеси, своите стравови, за да ја пронајде смислата на своето постоење. Во оваа смисла, Ана Каренина во нашата претстава е сложен систем; и таа, но и сите други ликови – Каренин, Вронски, Левин, Кити – имаат своја приказна, борба. Така, оваа претстава покажува дека црното никогаш не е целосно црно, белото никогаш не е целосно бело, дека всушност има многу нијанси внатре и дека тоа е всушност нашиот живот, вели режисерот Дејан Пројковски.  

Две и пол часовната театарска претстава „Ана Каренина“ не е наменета за публика помлада од 16 години.  

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни