По говорот на германскиот претседател на Бадник, на Старата година за првпат во улога на канцелар на граѓаните им се обрати Фридрих Мерц. Германија, порача тој, веќе поминала низ бројни кризи и од секоја излегла посилна и поуспешна, пренесува Deutsche Welle.
Новогодишните обраќања на монарсите и државните лидери се традиција во речиси сите земји, вклучително и во Сојузна Република Германија уште од нејзиното основање во 1949 година, а постоеле и во поранешна Источна Германија. Со децении, претседателите, канцеларите и една канцеларка ги користеле овие обраќања за да предупредуваат, да подвлекуваат линии, да ги истакнуваат предизвиците и да повикуваат на заедничко дејствување.
Понекогаш посвечено, понекогаш поедноставно, но секогаш без противречења – бидејќи германските канцелари, по правило, имаат можност еднаш годишно да се обратат на телевизија без новинарски прашања или критики од опозицијата во парламентот.
„Во право сте: тоа не е доволно“
Фридрих Мерц не е исклучок од ова правило. Во својата прва новогодишна порака како германски канцелар, тој направи осврт на годината што изминува. „Денес завршува година со која секој од нас поврзува сопствена приказна“, рече тој со сериозен тон, веројатно мислејќи и на сопствениот избор за шеф на владата во време на глобални пресврти и економски тешкотии.
Мерц само навести дека неговата црвено-црна коалиција на христијански демократи и социјалдемократи не напредува со брзината што беше најавувана. Не го сокри незадоволството на дел од гласачите од новата влада.
„Многумина сега ќе речат: ова не е доволно, ова е премалку и сè уште не се чувствува доволно. И сакам да ви кажам: во право сте. Тоа не е доволно – но германската влада почна да работи“, порача канцеларот.
Додека во Бундестагот и во редовните телевизиски настапи мора да се соочува со непријатни прашања и критики, новогодишното обраќање е ретка можност да им се обрати на граѓаните без прекини и интервенции.
„Војната во Украина нè засега“
Како клучна задача на својата влада во наредните години, Мерц ја посочи обновата на „темелите на слободата“. Според него, тоа е можно само ако запре руската војна против Украина и Европа.
„Русија ја продолжува својата агресија против Украина со несмалена жестина. Украинците по четврти пат по ред ќе ја дочекаат Новата година во најтешки околности – многумина без струја, под дожд од ракети, во страв за пријателите и семејствата“, рече Мерц.
Тој нагласи дека ова не е далечна војна што не ја засега Германија.
„Сè појасно гледаме дека рускиот напад бил и останува дел од план насочен против цела Европа. Германија секојдневно е изложена на саботажи, шпионажа и кибернапади“, предупреди канцеларот.
Притоа увери дека владата прави сè за да ја направи земјата побезбедна, во време кога САД сè повеќе го насочуваат вниманието надвор од Европа.
„Сопствените интереси мораме да ги браниме и застапуваме многу посилно со сопствени сили“, истакна тој.
Историски пресврт и оптимистичен поглед напред
Војната во Европа, глобалните предизвици, забавената економија и претстојните реформи на системот на социјална сигурност, според Мерц, покажуваат дека Германија живее „среде историски пресврт“. Сепак, тој порача дека сите овие предизвици можат да се надминат.
„Ние не сме жртви на надворешни околности. Не сме играчка на големите сили. Нашите раце не се врзани“, нагласи канцеларот.
Целта на новогодишните пораки традиционално е да понудат оптимистичен поглед кон годината што доаѓа. Мерц тоа го сумираше со зборовите:
„Германија е величествена земја која секогаш повторно се пронаоѓала, од кризите излегувала зајакната, создавала ново чувство на заедништво и на сите граѓанки и граѓани им нудела татковина во која може да се живее и која може да се сака.“
Тој ги повика граѓаните да не се водат од страв и малодушност, туку од доверба и вера во сопствената сила. Иако тоа не го спомена директно, во позадина се и покраинските избори во 2026 година, на кои крајнодесничарската АфД би можела дополнително да зајакне.
Затоа Мерц апелираше на доверба во демократските процеси:
„Да, тие понекогаш се бавни и несовршени, но само така доаѓаме до резултати што ги поддржува големо мнозинство од нашата земја.“
„Да веруваме дека проблемите можеме сами да ги решаваме“, порача канцеларот – и на граѓаните, и на својата влада, и на самиот себе.
