Ново научно откритие ја преиспитува астмата: дали со години сме го лекувале погрешниот причинител

Дали со години астмата се лекува врз погрешна претпоставка? Ново научно истражување укажува на сосема поинаков механизам на воспаление.

Долги години медицината ја објаснува астмата како воспалително заболување на дишните патишта, предизвикано првенствено од молекули наречени леукотриени, кои доведуваат до нивно стеснување и отежнато дишење. Но ново научно истражување сугерира дека токму тие можеби не се главниот причинител на болеста.

Истражувачки тим од Универзитетот „Кејс Вестерн Ризерв“ укажува на постоење на друга група молекули, таканаречени псевдо-леукотриени, кои можеби имаат клучна улога во воспалителниот процес кај астмата. Според научниците, овие молекули се структурно слични на леукотриените, но се создаваат преку сосема поинаков хемиски механизам во организмот.

Улогата на слободните радикали

За разлика од леукотриените, кои настануваат преку ензимски процеси, псевдо-леукотриените се создаваат кога слободните радикали реагираат со липиди односно масни молекули во телото. Слободните радикали се исклучително реактивни и, доколку не се контролирани од антиоксидативни механизми, можат да предизвикаат оштетување и воспаление.

Според водечкиот истражувач, професорот Роберт Саломон, овој процес е сличен на неконтролирана хемиска реакција, која може да доведе до силно воспаление. Кај лицата со астма, се смета дека постои намалена способност на организмот да ги неутрализира овие радикали, што дополнително ја влошува состојбата.

Зошто сегашната терапија можеби не е доволна

И леукотриените и псевдо-леукотриените делуваат преку исти рецептори во дишните патишта, што доведува до нивно стеснување. Повеќето постоечки лекови за астма функционираат така што ги блокираат овие рецептори, спречувајќи го воспалителниот одговор.

Но ако псевдо-леукотриените се вистинскиот главен причинител, тогаш, според истражувачите, поефикасен пристап би бил спречување на нивното создавање, односно таргетирање на процесите поврзани со слободните радикали, наместо блокирање на рецепторите.

Наодите од студијата би можеле да имаат пошироко значење, не само за астмата, туку и за други воспалителни и невролошки заболувања, вклучително и Паркинсонова и Алцхајмерова болест. Дел од лековите за астма веќе се користат и „надвор од индикација“ во третман на одредени невролошки состојби, што дополнително ја нагласува важноста на точното разбирање на механизмите на воспаление.

Тестирање кај пациенти

За да ја проверат својата хипотеза, истражувачите анализирале примероци од урина кај лица со лесна и тешка форма на астма, како и кај лица без ова заболување. Резултатите покажале дека псевдо-леукотриените не само што се присутни кај астматичарите, туку и дека нивното ниво директно корелира со тежината на болеста.

Кај лицата со астма, концентрацијата на овие молекули била четири до пет пати повисока во споредба со здравата контролна група. Истражувачите сметаат дека тие би можеле да послужат и како биомаркер за следење на тежината на болеста и ефикасноста на терапијата.

Студијата е финансирана од Националните институти за здравје на САД и е објавена во реномираното научно списание Journal of Allergy and Clinical Immunology.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни