Се покажало дека таблетите што најчесто се користат за проблеми со покачен крвен притисок ефективно делуваат во потиснување на непријатни сеќавања. Се смета дека пропранолол, кој е составен дел од повеќето лекови за покачен крвен притисок, делува на протеини во мозокот и може да биде „лек за скршено срце“.
Отфрлањето на нежелени, болни сеќавања може да стане реалност за луѓето кои имаат тешкотии да се справат со трауматични настани.
Британски научници тестирале таблети на 60 лица кои страдаат од синдромот „скршено срце“. Тие го испитувале лекот кој има цел да избрише, односно потисне сеќавања на личност која им предизвикала болка, како и сеќавања на непријатни искуства, пренесува „Daily Mail“.
Во студијата учествувале луѓе кои доживеале сличен емотивен крах, односно биле оставени од партнер и сите сакале да ја заборават личноста која им предизвикала болка.
По употреба на лекот пропранолол, испитаниците биле принудени да се сетат на трауматичното искуство, така што претходно напишале и потоа читале детално опишување на раскинувањето.
Овој процес го повториле четири до шест пати (сè време под влијание на пропранолол), а целта била да се намали влијанието на болното сеќавање врз нивната психа.
По завршувањето на експериментот, испитаниците изјавиле дека се чувствуваат многу полесно и дека конечно се подготвени да „започнат нова страница“.