Полицијата во американската сојузна држава Ново Мексико истражува тврдења дека покојниот осуден сексуален престапник Jeffrey Epstein гушел девојки за време на сексуални односи на својот ранч „Зоро“, а нивните тела биле сокриени на имотот.
Законодавниот дом на Ново Мексико едногласно изгласа формирање „комисија за вистина“, чија цел е да ги испита наводите за трговија со луѓе и сексуално злоставување на изолираниот имот од околу 3.075 хектари.
Формирана „комисија за вистина“
Комисијата ќе има задача да ги идентификува поранешните вработени, гости на ранчот и државни функционери кои можеби знаеле или учествувале во наводните злоупотреби.
Предлог-законот го иницираше демократската пратеничка Андреа Ромеро, која изјави дека комисијата ќе користи судски покани, јавни записи и сведочења за „да се состави целосната слика“.
Ранчот веќе бил споменуван во граѓански тужби како место на злоставување. Две од четирите жртви што сведочеа на судењето на Ghislaine Maxwell изјавиле дека биле нападнати токму таму.
Покојната Virginia Giuffre тврдеше дека Епстин ја подведувал на влијателни мажи, меѓу кои и поранешниот гувернер на Ново Мексико, Bill Richardson. Ричардсон, кој почина во 2023 година, преку свој претставник претходно ги негираше обвинувањата.
Е-мејл со тврдења за закопани тела
Американското Министерство за правда објави повеќе од три милиони документи во рамки на законот за транспарентност поврзан со случајот Епстин. Меѓу нив се нашол и е-мејл од лице кое тврди дека било поранешен вработен на ранчот.
Во пораката, испратена до радиоводителот и поранешен кандидат за градоначалник на Албукерки, Еди Арагон, се наведува дека две „странски девојки“ починале од гушење за време на „груб, фетишистички секс“ и дека биле закопани по „наредба на Џефри и Мадам Г“ – алузија на Гислејн Максвел, која издржува 20-годишна затворска казна за трговија со луѓе со цел сексуална експлоатација.
Авторот тврди дека телата се закопани „негде во ридовите надвор од Зоро“ и дека од куќата на Епстин зел седум видеоснимки, меѓу кои и снимки со малолетнички, како „осигурување“. Во замена за еден биткоин, понудил да ги испрати снимките на УСБ-уред.
Властите ја проверуваат автентичноста
Арагон изјавил дека веднаш по приемот на пораката ја проследил до ФБИ и дека не одговорил ниту платил за материјалите. „Изгледаше убедливо, затоа го препратив“, рекол тој.
Главниот заменик-државен обвинител на Ново Мексико, Џејмс Грејсон, потврди дека наводите се предмет на истрага. „Ќе се обидеме да ги обезбедиме оригиналните, нецензурирани е-мејлови и сите придружни датотеки, бидејќи пристапот до целосни и автентични материјали е клучен“, изјави Грејсон.
Историја на контроверзниот имот
Ранчот, лоциран околу 65 километри јужно од Санта Фе, вклучува вила од речиси 2.500 квадратни метри и приватна писта. Епстин го купил имотот во 1993 година од поранешниот гувернер Брус Кинг.
По смртта на Епстин во 2019 година, вредноста на имотот била проценета на 21,1 милион долари, но подоцна била намалена поради неговата „злогласност“.
Во 2023 година, ранчот го купил бизнисменот и поранешен републикански сенатор Donald Huffines. Тој соопшти дека ќе соработува со сите истражни органи и најави дека имотот ќе биде преименуван во „Ранч Сан Рафаел“ и пренаменет во христијанско засолниште.
Локалните и федералните власти засега немаат потврдено дали претходно биле спроведени темелни претреси на овој имот, иако други имоти поврзани со Епстин биле детално пребарувани во изминатите години.