Со усвојувањето на измените и дополнувањата на Кривичниот законик, во македонското законодавство за првпат е воведено посебно кривично дело – „Злоупотреба на туѓа снимка, фотографија, аудиозапис или спис со сексуално експлицитна содржина“ (член 152-а). Новата одредба предвидува санкционирање на неовластеното споделување, заканување, манипулирање и јавно објавување на интимни содржини без согласност, вклучително и содржини создадени или изменети со дигитални алатки, како што се дипфејк материјалите.
Од граѓанскиот сектор оценуваат дека иако измените се донесени без поширока јавна дебата и во сенка на други законски интервенции, тие сепак претставуваат значаен позитивен исчекор и затворање на долгогодишна правна празнина, во услови кога дигиталното насилство станува сè почесто и посурово.
Како еден од клучните примери се посочува случајот „Јавна соба“, кој ја потресе јавноста во 2020 година. Во рамки на групи на платформата Телеграм, беа споделувани интимни фотографии и видеа од жени и девојки, заедно со нивни лични податоци – имиња, телефонски броеви, профили на социјални мрежи и адреси. Иако сторителите беа познати уште во првите денови, постапките беа бавни, а дел од жртвите и денес немаат целосна правна сатисфакција.
Новото кривично дело предвидува и построги казни кога жртвата е дете, како и повисока одговорност доколку делото го изврши службено лице. Сепак, експертите предупредуваат дека концептуалното сместување на ова дело исклучиво во рамките на заштита на приватноста е проблематично.
– Во пракса, злоупотребата на интимни содржини најчесто не е само нарушување на приватност, туку форма на родово базирано насилство, кое вклучува закани, изнуди, контрола, заплашување и сериозна психолошка штета – се наведува во реакцијата.
Овој пристап, како што се посочува, е препознаен и во меѓународните стандарди. Телото на Советот на Европа – GREVIO, како и Директивата на ЕУ 2024/1385, јасно укажуваат дека дигиталните злоупотреби се продолжение на родово базираното насилство во онлајн простор, а не изолиран технички инцидент.
Дополнителен ризик се гледа и во користењето на поимот „сексуално експлицитна содржина“, кој, доколку не биде прецизно дефиниран, може да остави дел од жртвите без заштита. Практиката покажува дека и фотографии без класична голотија, но со јасна намера за понижување и стигматизација, можат да предизвикаат тешки последици по менталното здравје и достоинството на жртвите.
Од Националната мрежа најавуваат дека ќе продолжат со мониторинг на примената на новото кривично дело, како и со залагање за дополнително усогласување на законската рамка со европските и меѓународните стандарди.
– Само со системски пристап и ставање на жртвата во центарот на правдата може да се обезбеди реална и долгорочна заштита – порачуваат од Мрежата.
