Тимот користел модели со глувци кои имале оштетувања на мозокот предизвикани од исхемичен мозочен удар (поради затнат крвен сад), и открил дека инјекциите со човечки матични клетки не само што преживуваат во мозокот, туку и успешно се трансформираат во нови, млади неврони.
„Матичните клетки преживеаја цели пет недели и се трансформираа во функционални неврони кои воспоставија врски со постоечките мозочни клетки“, вели проф. Кристијан Такенберг, невролог од Универзитетот во Цирих.
Покрај ова, научниците забележале и други позитивни ефекти: обновување на оштетените крвни садови, намалување на воспалението и зајакнување на крвно-мозочната бариера. Глувците покажале подобрувања во движењето и координацијата, што е особено важно бидејќи мозочниот удар често остава трајни последици по моториката.
Истражувањето, објавено во списанието Nature, е продолжение на претходна студија која го испитувала најсоодветниот момент за примена на ваква терапија. Резултатите укажуваат дека мозокот треба прво да се стабилизира по ударот за да може терапијата да даде ефект.
„Нашата анализа оди многу подалеку од претходните истражувања. Не нè интересираше само дали клетките ќе преживеат, туку и дали ќе формираат вистински невролошки врски“, додава Такенберг.
Во моментов, оштетувањата од мозочен удар се сметаат за непоправливи – мртвите клетки не се обновуваат. Но, ова истражување отвора врата за потенцијална регенерација на мозочното ткиво во иднина. Ваквите терапии би можеле да се користат и во третман на други заболувања, како дијабетес и губење на вид.
Сепак, стручњаците предупредуваат дека се уште е рано за клиничка примена кај луѓето. Потребни се подолготрајни истражувања и тестирања, особено бидејќи секоја интервенција во мозокот носи потенцијални ризици.
„Клучно е да се истражуваат нови терапевтски пристапи за регенерација на мозокот. Нашите наоди покажуваат дека матичните клетки можат да направат повеќе од создавање нови неврони – тие иницираат цел процес на закрепнување“, заклучува Такенберг.
Извор: N1info.rs