Женско здравје

Ново истражување открива: Токсични хемикалии PFAS се најдени во еко менструалните производи

„Хемикалии засекогаш“ пронајдени во повеќекратни производи за менструација – Што знаеме за нивното влијание врз здравјето?

Ново истражување открива дека долната облека и повеќекратните влошки за менструација содржат највисоко ниво на маркер што укажува на намерно додадени PFAS, што предизвикува загриженост за безбедноста на овие производи.

Според студијата објавена минатата недела, повеќекратни хигиенски производи за жени може да содржат токсични хемикалии. Истражувањето опфати производи од Северна и Јужна Америка, како и од Европа.

Публикувана во списанието Environmental Science and Technology Letters, рецензираната студија открила присуство на пер- и полифлуороалкилни супстанции (PFAS) во еко-пријателски менструални и производи за инконтиненција, со што повторно се отвора дебатата за нивната безбедност.

PFAS, познати и како „хемикалии засекогаш“, се група на синтетички хемикалии отпорни на распаѓање. Веќе над 70 години се додаваат во производи за да им дадат отпорност на вода, маснотии и дамки.

Што откри истражувањето?

Истражувачите тестирале 59 производи поделени во пет категории:

  • менструална долна облека,
  • повеќекратни менструални влошки,
  • повеќекратна долна облека за инконтиненција,
  • повеќекратни влошки за инконтиненција,
  • менструални чашки.

Тие мереле вкупно ниво на флуор – елемент што укажува на присуство на PFAS. Подетално анализирале 19 производи и откриле дека сите содржат PFAS. Речиси 30% од сите 59 производи покажале докази за намерно додадени PFAS, најмногу кај менструалната долна облека и повеќекратните влошки.

Марта Вениер, коавторка на студијата и еколошки хемичар на Универзитетот Индијана, изјави:
„Кога нивото на флуор е над одреден праг, тоа значи дека PFAS биле намерно додадени, на пример за водоотпорност.“

Таа додаде дека пониски нивоа укажуваат на случајна контаминација за време на производствениот процес.

„Во секоја категорија на производи најдовме такви што не содржат намерно додадени PFAS – тоа значи дека е можно да се произведуваат без тие хемикалии.“ – вели Марта Вениер.

Здравствени ризици поврзани со PFAS?

Иако постојат над 10.000 различни PFAS, не се познати целосно сите нивни ефекти. Но, има силни научни докази за негативно влијание:

  • Светската здравствена организација (СЗО) во 2023 класифицираше две PFAS (PFOA и PFOS) како канцерогени или потенцијално канцерогени.
  • PFAS можат да го оштетат имунолошкиот систем на новороденчињата преку мајчиното изложување и се акумулираат во телото со тек на време.
  • „Изложеноста преку хигиенски производи значи дека на телото ќе му требаат барем 4 години за да се ослободи од половина од внесената количина,“ рече Тина Колд Јенсен, лекарка и епидемиолог од Универзитетот во Јужна Данска.

PFAS исто така се поврзани со:

  • висок холестерол,
  • оштетување на црниот дроб,
  • рак на бубрезите,
  • репродуктивни проблеми.

Дополнително, не се знае со сигурност дали директниот контакт со кожата и вагиналната слузница носи поголем или помал ризик отколку другите начини на изложување.

Јенсен предупреди и за еколошките ефекти: „Кога ги перете влошките, овие хемикалии се враќаат во животната средина.“

Колку се безбедни повеќекратните менструални производи?

Сѐ повеќе млади користат одржливи менструални производи. Истражување од 2022 покажа дека во Шпанија, кај лица од 26 до 35 години, употребата на повеќекратни производи го надминала користењето на еднократни.

Во март 2024, каталонската влада почна здравствена иницијатива: секоја жена доби бесплатно менструална чашка, долна облека и две пакувања со ткаени влошки.

Според глобална анализа, освен PFAS, овие производи не претставуваат сериозен здравствен ризик, освен можноста за иритација на кожата поради долготрајна употреба или несоодветно чистење.

Менструалните чашки се генерално безбедни, освен ретки случаи на:

  • вагинални повреди,
  • токсичен шок синдром,
  • уринарни проблеми.

Долна облека, пак, освен PFAS, во некои брендови содржи и повисоки нивоа на сребро. Истражување во Обединетото Кралство во 2023 најде сребро кај брендовите Intima, M&S и Thinx.

Брендот Thinx беше во центарот на дебатата за PFAS уште во 2020, кога Sierra Magazine и Универзитетот Нотр Дам открија PFAS во нивната долна облека. Компанијата подоцна беше тужена и се спогоди во 2022.

Инаку, PFAS не се ограничени само на повеќекратни производи – во 2022 тестови во САД покажаа дека 48% од 46 тестирани санитарни влошки и влошки содржат опасна хемикалија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни