Ново истражување: Несoницата поврзана со забрзано стареење на мозокот

Упорните проблеми со спиењето може да придонесат за побрзо стареење на мозокот и појава на когнитивни потешкотии, покажува нова студија објавена во научното списание Neurology.

Истражувањето опфатило 2.750 когнитивно здрави лица со просечна возраст од 70 години, кои биле следени во период од пет до шест години. Покрај редовни когнитивни тестови, испитаниците биле подложени и на снимања на мозокот. Кај оние со хронична несоница биле забележани побрзи структурни промени и послаби резултати на тестови за внимание, брзина на обработка на информации и планирање.

Кај оваа група, благи когнитивни нарушувања или деменција се развиле кај 14% од учесниците, во споредба со 10% кај оние без хронична несоница. Според авторите, ова одговара на „стареење на мозокот“ забрзано за околу три до пет години.

„Овие наоди придонесуваат за сè поголемиот број докази дека недостигот на сон, дури и во средни години, може да биде рана најава на невродегенеративни процеси“, вели главниот автор на студијата, д-р Диего З. Карваљо од Mayo Clinic. Тој нагласува дека станува збор за поврзаност, а не за докажана причинско-последична врска.

Дополнително, експертот Сантјаго Клокијати-Туоко од Yale New Haven Hospital, кој не бил дел од студијата, укажува дека времетраењето на сонот е клучен фактор: „Доколку се потврди во идни истражувања, ова може да биде важен показател за стратегии за долгорочно здравје на мозокот.“

Научниците посочуваат дека „златната зона“ за сон е меѓу седум и осум часа ноќе. И недоволниот сон под шест часа, и предолгиот сон над девет часа, се поврзани со когнитивни нарушувања, дебелина и депресија.

Иако студијата не утврдува дали несоницата е причина или последица, јасно укажува на алармантна врска помеѓу квалитетот на сонот и здравјето на мозокот.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни