Новите закани на Трамп ја кренаа цената на нафтата: „Резервите се само краткорочно решение“

Изјавите на Доналд Трамп за нови напади врз Иран ги турнаа цените на нафтата над 100 долари.

Цените на нафтата повторно пораснаа на меѓународните пазари и се приближија до 102 долари за барел, откако сигналите од САД за продолжување на нападите врз Иран ги засенија вестите за привремено олеснување на санкциите кон руската нафта.

На лондонскиот пазар, цената на барел нафта попладнето беше повисока за 1,16 долари и изнесуваше 101,62 долари. На американскиот пазар, пак, порасна за 1,21 долар, достигнувајќи 96,94 долари.

Пазарите оваа недела беа под силно влијание на неизвесноста околу тоа колку долго ќе трае конфликтот меѓу САД, Израел и Иран.

Иран, како одговор на нападите, презеде контрола врз Ормускиот теснец и го ограничи транзитот на бродови поврзани со САД, Израел и нивните сојузници.

Според Меѓународната агенција за енергија, во 2025 година низ теснецот минувале околу 20 милиони барели нафта дневно – околу една петтина од светската понуда. Сега, транзитот е намален на помалку од 10 проценти од претходното ниво.

Во вакви услови, складиштата во земјите околу Персискиот Залив се полни, а производството е намалено за повеќе од 10 милиони барели дневно. За да се ублажи ударот, членките на агенцијата одлучија координирано да пласираат 400 милиони барели нафта од стратешките резерви. Сепак, аналитичарите предупредуваат дека тоа е само привремена мерка.

„Резервите можат да обезбедат само краток предах додека се справуваме со инфлацијата и забавениот економски раст“, предупредува аналитичарот на Ројтерс, Рон Бусо.

Во меѓувреме, Доналд Трамп најави нови напади врз Иран, изјавувајќи дека САД „следната недела многу жестоко ќе го нападнат“ Техеран. Паралелно, Вашингтон одлучи привремено да ги суспендира санкциите за руската нафта складирана на море, со што на пазарот би се вратиле околу 100 милиони барели, изјави Кирил Дмитриев, пратеник на Владимир Путин.

Според ОПЕК, цената на нафтата од нивната кошница во четвртокот достигнала 120,86 долари за барел, што дополнително го потврдува силниот притисок на глобалните енергетски пазари.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни