Просторот околу Скопското Кале повторно е во фокусот на урбанистичката динамика, но овојпат со поинакви приоритети кои го ставаат јавниот интерес пред комерцијалната градба. Наместо уште еден бран хотели и комерцијални содржини во срцето на градот, новите детални урбанистички планови што ги усвои Советот на Општина Центар предвидуваат паркови, спортски објекти, пешачки и велосипедски патеки и јавни содржини
Со усвоените планови се опфатени Градска четврт ЦС 14 „Кале и СРЦ Кале“ и Градска четврт ЦС 01 „Француски гробишта, Тетовска трошарина и Парк 2“, а целта е усогласување со Генералниот урбанистички план на Скопје и воведување подетална документација за пристапот, движењето и намената на земјиштето во ова чувствително подрачје
Највидливата промена е тоа што јавниот простор добива предност пред приватниот интерес. Во Градска четврт ЦС 01 е предвиден спортски објект на државно земјиште покрај кејот со површина од 9.295 квадратни метри, додека на други локации се планира парковско зеленило, јавни содржини и паркинг. Под Калето, на приватното земјиште останува можност за хотели, но со пониска катност до П+3, што е значителна промена од претходните планови за големи хотелски комплекси
Новите патеки за велосипеди на улиците „Самоилова“ и „Лазар Личеноски“ ќе бидат поврзани со постојната патека покрај Вардар, а тротоарите ќе бидат пошироки и дополнети со нови дрвореди, што го менува начинот на кој луѓето ќе го користат просторот, овозможувајќи не само минување со автомобил, туку и пеш или со велосипед и подолго задржување во урбаниот простор
Во планот е предвидена и можност за музејски изложби на отворено, што го прави Калето не само градежна локација, туку културно-историска точка со која градот може да комуницира. При подготовката биле земени предвид сугестиите на стручни лица од Музејот на современа уметност, што дополнително го нагласува значењето на зачувување на симболичкиот и јавен карактер на просторот
Суштината на овој ДУП не е само во тоа што ќе се гради, туку во тоа што нема да се гради како порано. Во град каде што јавниот простор со години се стеснува пред приватните интереси, преминувањето од хотелски комплекси кон паркови, спортски сали и отворени содржини се чита и како урбанистичка и како политичка порака. Прашањето сега е дали планот ќе се реализира во вистинска форма на терен, или ќе остане само на хартија