„Ние ќе дадеме приоритет на испраќање американски астронаути на Марс, а во текот на тие активности неизбежно ќе имаме капацитет да се вратиме на Месечината“, рече Исакман пред панелот сенатори задолжени да го потврдат неговото назначување за шеф на НАСА.
Вселенскиот ентузијаст кој го направи своето богатство преку онлајн плаќања и леташе повеќе приватни мисии во вселената беше прашан за неговата визија за НАСА, и конкретно за иднината на познатата програма за слетување на Месечината Артемида.
Тој проект, најавен во 2017 година за време на првиот мандат на Доналд Трамп, треба да овозможи враќање на американските астронаути на Месечината и воспоставување постојано присуство на луѓе на Месечината со цел подготовка на идни мисии на Марс.
Но, поради огромните трошоци и бројните одложувања, повеќе критички гласови во новата американска администрација побараа да се ревидира или укине програмата.
Неизвесноста околу програмата е засилена од изјавите на претседателот Трамп, кој вети дека ќе го засади американското знаме на планетата Марс, неколку пати откако се врати на власт во јануари, без да ја спомене Месечината.
Тоа веројатно се должи на големата блискост на Трамп со милијардерот Илон Маск, за кого црвената планета е опсесија. Маск, познат по своите оптимистички проекции, предвидува дека ќе ја испрати својата ракета Starship на Марс веќе во 2026 година и дека мисии со екипаж на планетата ќе започнат во 2028 година.
Напуштањето на програмата Артемис, во која партнери се бројни други земји, би било шок за вселенскиот сектор, пишува France Presse.