Новиот премиер на Канада Марк Карни: Америка не е Канада и никогаш нема да биде дел!

Поранешниот гувернер на Централната банка, Марк Карни, победи во трката за лидер на владејачката Канадска либерална партија и ќе го наследи Џастин Трудо на местото премиер, покажаа официјалните резултати објавени за викендот. Карни (59) освоил 86% од гласовите, победувајќи ја поранешната министерка за финансии, Кристја Фриланд, во внатрепартиската трка, на која гласале нешто помалку од 152.000 членови.

“Некој се обидува да го ослаби нашето стопанство”, изјави Карни, мислејќи на Трамп, што предизвика гласно негодување од присутните на партискиот собир. “Тој напаѓа канадските работници, семејства и компании. Не смееме да му дозволиме тоа.”


“Ова нема да биде вообичаено водење на работата”, додаде Карни. “Ќе мораме да правиме работи што досега не сме ги ни замислувале, и тоа со брзина која не ја сметавме за возможна.”

“Америка не е Канада. И Канада никогаш, ама баш никогаш, нема да биде дел од Америка ни на кој било начин, ни во кој било облик”, рече Карни во својот победнички говор. “Ние не ја баравме оваа битка, но Канадците секогаш се подготвени кога некој друг ќе ја фрли ракавицата”, додаде тој.

Трудо заминува по девет години: “Ова е момент што ја дефинира нацијата”

Трудо во јануари најави дека се повлекува по повеќе од девет години на власт, додека неговата популарност нагло падна, по што либералите организираа внатрепартиски избори за нов лидер.

“Не се лажете, ова е момент што ја дефинира нацијата. Демократијата не е загарантирана. Слободата не е загарантирана. Дури и Канада не е загарантирана”, изјави Трудо при своето заминување.

Карни, кој никогаш претходно не бил избран на политичка функција, тврди дека токму тој е најдобриот кандидат за обновување на партијата и водење на преговорите со Трамп, кој заканува со нови тарифи што би можеле да го загрозат канадското стопанство, кое зависи од извозот.

Карни станува првиот канадски премиер без политичко искуство

Карни е првиот премиер на Канада кој доаѓа надвор од политичките кругови и нема претходно искуство во избрани должности. Меѓутоа, тој истакнува дека неговото искуство како гувернер на Централните банки на Канада и Велика Британија го прави најдобриот избор за справување со Трамп.

Карни ги нагласува климатските промени и енергетската транзиција како клучни точки на неговата кампања

Карни ги постави климатските промени и енергетската транзиција како клучни точки на својата кампања, нагласувајќи дека економијата со ниски емисии на јаглерод ќе ја зголеми конкурентноста на Канада. Тој предложи промена на системот на данокот на јаглерод, префрлајќи го финансискиот товар од потрошувачите на големите корпорации. Наместо граѓаните и малите бизниси да плаќаат високи даноци на гориво, неговата влада ќе воведе поттикнувања за намалување на емисиите.

Карни ја привлекува поддршката со жестоки коментари против Трамп

Со неговите коментари и остри ставови против Трамп, Карни успеа да привлече голема поддршка за Либералната партија, особено во време кога политичките анкетите покажуваат дека либералите и конзервативците се практично изедначени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни