Новиот Предлог закон за високо образование- автономија или политичка контрола?

Новите измени во Законот за високото образование ја поместуваат рамнотежата меѓу универзитетот и извршната власт, воведуваат строги услови без јасна инфраструктурна поддршка и отвораат прашања за иднината на академската автономија.

Најновите измени во Законот за високото образование не претставуваат само техничко усогласување на постојната регулатива, туку отвораат суштински прашања за автономијата, управувањето и одржливоста на академскиот систем, коментираат за Трн универзитетски професори кои побараа да останат анонимни.

Иако измените формално се претставуваат како унапредување на квалитетот и ефикасноста, нивната структура и институционални импликации укажуваат на подлабоки поместувања во балансот меѓу академската заедница и извршната власт. Анализата на клучните решенија, од управувачките тела, преку академските услови, до положбата на уметничките факултети покажува дека станува збор за системска реконфигурација, а не за изолирани нормативни корекции. Измената според која статутот на универзитетот добива согласност од Собранието по претходно позитивно мислење од Владата, наместо од ресорното министерство, не е формална корекција. Таа носи институционална порака, сметаат професорите

Министерството е стручен ресорен орган. Владата е политички колективен орган. Со ова поместување, академскиот документ станува предмет на поширока политичка проценка. Автономијата формално останува, но се условува со политичко ниво на одлучување. Ова, велат е првата јасна промена во балансот.

Универзитетскиот совет и укинувањето на академското мнозинство

„Новата структура на Универзитетскиот совет создава израмнета рамнотежа меѓу академските претставници и членовите именувани од извршната власт. До вчера академијата имаше структурно мнозинство. Сега секоја одлука ќе зависи од динамиката на гласање и од политичка координација. Советот одлучува за стратегија, инвестиции и финансиски насоки. Кога академското мнозинство е неутрализирано, автономијата повеќе не е гарантирана преку структурата, туку преку договор. Ова е суштинска институционална промена, а не техничка ревизија„ велат професори од двата универзитети во Скопје и Штип.

Два научни труда за магистерска: ригорозност без рамка

Условот за објавени два научни труда како прв автор пред одбрана на магистерски труд воведува висока академска строгост., сметаат професорите. Во научните дисциплини тоа е комплексно, но остварливо. Во уметностите и интердисциплинарните полиња, меѓутоа, се отвораат сериозни дилеми.

„Не е прецизирано што точно се смета за научен труд, ниту дали уметничката продукција може да биде еквивалент. Без јасна инфраструктура и дефиниција, условот може да стане бариера наместо гаранција за квалитет. Ригорозноста сама по себе не создава квалитет ако системот нема капацитет да ја поддржи“ е мислењето на професорите.

Кадровска празнина и генерациски јаз

Построгите услови за асистентите, вклучително и обврската за докторирање во определен рок, се воведуваат во контекст каде што вработувањето асистенти веќе е ограничено. Истовремено, за дел од веќе избраните наставници не се применуваат одредени нови услови.

Ова создава двоен режим и потенцијален генерациски јаз. Ако не постои стабилна кадровска политика и јасна патека за напредување, системот ризикува да произведе временски вакуум во академскиот континуитет.

Нормата без кадровска стратегија станува ризик за одржливоста на системот.

Уметничките факултети меѓу образование и култура

Уметничките факултети функционираат како високообразовни институции, но и како културни продуценти што добиваат средства преку културни конкурси и проектни линии. Дел од нивното финансирање е директно поврзано со културната политика.

Законот, сепак, ги третира исклучиво како образовни институции, без да ја препознае нивната двојна улога. Ова создава хибриден систем без јасна стратегија и координација меѓу секторите.

Нерешената позиција на уметностите не е периферен проблем. Таа влијае врз финансирањето, кадровските политики и академските стандарди, велат професорите.

Автономијата како структурно прашање

Измените во Законот за високото образование покажуваат јасно поместување на рамнотежата. Засилено институционално влијание на извршната власт, израмнување на управувачките тела и воведување на строги услови без соодветна инфраструктура се дел од новата архитектура.

Автономијата не се мери во декларации, туку во структурата на одлучување. А токму таа структура се менува.

Дали целта е зголемен квалитет или засилена контрола ќе се види во пракса? Но дека системот е сериозно нарушен во својот досегашен баланс, тоа веќе може да се прочита од самиот текст на законот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни