Новиот папа отвори Инстаграм: За помалку од 24 часа го следат 8,7 милиони луѓе

Во првата објава стои: „Мир со вас! Тоа е првиот поздрав што го изговорил Воскреснатиот Христос, Добриот Пастир. Би сакал овој поздрав на мир да одекне во вашите срца, вашите семејства и меѓу сите народи – каде и да сте, во секоја нација и низ целиот свет.“
EPA-EFE/VATICAN MEDIA HANDOUT HANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

Новиот папа Лав XIV отвори официјален профил на социјалната мрежа Инстаграм, кој за помалку од еден ден собра над 8,7 милиони следбеници. На профилот досега се објавени само неколку фотографии, главно од Тргoт Свети Петар, направени при објавувањето на изборот за нов папа.

Во првата објава стои:
„Мир со вас! Тоа е првиот поздрав што го изговорил Воскреснатиот Христос, Добриот Пастир. Би сакал овој поздрав на мир да одекне во вашите срца, вашите семејства и меѓу сите народи – каде и да сте, во секоја нација и низ целиот свет.“
Објавата е преведена на повеќе јазици.

Новиот поглавар на Католичката црква е поранешниот бискуп Роберт Френсис Превост, кој го наследи папата Франциско по неговата смрт на Велигденски понеделник. За нов папа го избраа 133 кардинали под 80 години. Превост е роден во САД во 1955 година и годинава ќе наполни 70. Дипломирал математика на Универзитетот Вилановa, а магистрирал теологија во Чикаго. Во Рим, на Папскиот универзитет Свети Тома Аквински – Ангеликум, завршил лиценцијат и докторски студии по канонско право.

Поголем дел од својата свештеничка служба ја минал надвор од САД, најмногу во Перу, каде работел како парох, професор и епископ. Тоа го прави еден од ретките американски кардинали со длабоко искуство во Латинска Америка.

Превост, кој до неодамна беше префект на Дикастериумот за епископи — едно од највлијателните тела во Ватикан — се смета за умерен лидер, отворен за дијалог и приближување на различни струи во Црквата. Неговите ставови и приоритети се блиски до реформскиот дух на папата Франциско.

Зареден е за свештеник од 1982 година, а веќе во 1985 е испратен како мисионер во Перу, каде служел речиси 20 години. Таму бил приор, професор и црковен судија. Подоцна, во 1999 година, бил избран за провинцијал на августинците во САД, а во 2001 за генерален приор на целиот ред — функција која ја извршувал до 2013.

Превост зборува англиски, шпански, италијански, француски и португалски, а чита и латински и германски. Отворањето на Инстаграм профилот се толкува како чекор кон поголема отвореност и комуникација со верниците во дигиталната ера.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни