Новиот комесар на германскиот Бундестаг за вооружените сили, Хенинг Оте, изјави дека повторното воведување на задолжителниот воен рок во Германија е неизбежно, и тоа уште оваа година.
Во интервју за ARD, Оте рече дека германската сојузна влада смета на доброволна основа, но дека тој, како воен комесар, ќе го стави повторното воведување на обврзната воена служба на дневен ред уште во текот на оваа година.
„Не може сè повеќе товар да се става на плеќите на војниците – тие плеќи мора да бидат побројни,“ истакна Оте, член на Христијанско-демократската унија (CDU), нагласувајќи дека доброволниот принцип, на кој инсистира германската влада, не е доволен.
Социјалдемократската партија на Германија (SPD) не го споделува тоа мислење, пренесе Deutsche Welle (DW).
Оте повика Германија да го примени шведскиот модел, каде што постои задолжителна регрутација.
Тој рече дека во разговори со млади луѓе добил впечаток дека се зголемува нивната подготвеност да му се приклучат на Бундесверот за да се зачуваат мирот и слободата.
Во врска со изјавата на германскиот министер за одбрана, Борис Писториус (SPD), дека на Бундесверот му се потребни уште 60.000 војници, Оте изјави дека сега треба конкретно да се објасни како тоа ќе се постигне.
Тој нагласи дека обврската за воена служба би се однесувала само на мажи, бидејќи вклучувањето на жени би барало промена на Уставот.
Правно гледано, војната обврска сè уште постои во Германија, потсетува DW, објаснувајќи дека во јули 2011 година, по 55 години, тогашниот министер за одбрана Карл-Теодор цу Гутенберг (CSU) ја стави таа обврска надвор од сила, што во пракса значеше и укинување на воената и цивилната служба.
Оте, исто така, предложи подобро плаќање и наградување за служба во Бундесверот.