Новиот извештај на Европската агенција за животна средина (ЕЕА) алармира: Македонија e меѓу најзагадените земји во Европа

Македонија се соочува со едни од највисоките нивоа на загаден воздух во Европа, што директно влијае врз здравјето и животниот век на граѓаните

Повеќе од 95% од урбаните жители во Европа во 2023 година дишеле воздух со концентрации на загадувачи над препораките на Светската здравствена организација (СЗО). Најновиот извештај на Европската агенција за животна средина (ЕЕА) за 2025 година открива дека, и покрај долгогодишните политики за намалување на емисиите, загадувањето на воздухот останува меѓу најголемите здравствени закани за европската популација.

Македонија и овоj пат повторно се најде во групата земји со највисок релативен здравствен товар од PM2.5. Заедно со Босна и Херцеговина и Албанија, земјата има најголем број изгубени години живот (YLL) по 100.000 жители над 30 години поради изложеност на фини честички.

Иако Македонија има значително помалку апсолутни смртни случаи од големите земји како Германија или Италија, проблемот е дека секој жител статистички губи многу повеќе години живот. Тоа ја сместува државата во самиот европски врв според здравствени последици од загадениот воздух.

Најчести последици кај населението се: исхемична болест на срцето, мозочен удар, дијабетес, хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), рак на белите дробови и високо ниво на астма кај децата.

Извештајот покажува дека во Македонија релативните загуби на здравје се далеку над европскиот просек, а изложеноста на PM2.5 е стабилно висока со години, главно поради урбаното греење со цврсти горива, сообраќајот и индустриските постројки.

Како стоиме во споредба со соседите?

Југоисточна Европа генерално се издвојува како најзагаден дел од континентот, но разликите меѓу земјите се значајни.

Србија

Србија се вбројува меѓу земјите со највисок товар од азот диоксид (NO₂), веднаш зад Грција, Кипар и Турција. Високиот удел на дизел возила и урбаната концентрација со слаб проток на воздух ги зголемуваат ризиците. За PM2.5, Србија е блиску до Македонија по релативни загуби.

Косово

Иако не се вклучени сите податоци за сите загадувачи, Косово традиционално се соочува со проблеми од термоенергетските капацитети на јаглен. Релативниот товар е висок, но извештајот е порелевантен за 40-те земји што ги покрива ЕЕА, каде Косово обично се наоѓа во горниот дел на рангирањата по PM2.5.

Хрватска

Хрватска покажува драматично различна слика. За PM2.5 и О₃ е меѓу државите со највисок релативен здравствен товар во ЕУ, особено поради озонот. И покрај морската клима, високите температури во лето создаваат услови за формирање на озон, а сообраќајот во туристичките зони придонесува за NO₂.

Бугарија

Бугарија е најпогодена од ЕУ-27 според PM2.5, заедно со Грција и Романија, и веднаш над Македонија кога се гледа поширокиот список на 40 држави. Бугарија има и висока смртност од заболувања поврзани со загаден воздух, особено ХОББ и срцеви заболувања.

Македонија е во првите три најпогодени земји во Европа според загубени години живот поради PM2.5, но ситуацијата е речиси подеднакво критична во целиот регион. Разликите меѓу земјите се минимални — Југоисточна Европа е епицентарот на највисоките здравствени последици од загадувањето.

Главните загадувачи: што најмногу нè убива?

Трите главни загадувачи според ЕЕА се:

PM2.5 — најсмртоносниот непријател

Фините честички навлегуваат длабоко во белите дробови и дури во крвотокот. Во Европа во 2023 година од PM2.5 се предизвикани: 206.000 смртни случаи во 40 земји. Најмногу смртни случаи има во Италија, Полска и Германија

Една од најстрашните бројки е дека 57% помалку смртни случаи има во 2023 во споредба со 2005, но тоа сè уште значи дека Македонија и регионот имаат нивоа далеку над препораките.

NO₂ — загадување од сообраќајот

NO₂ е доминантен во градовите и ги погодува срцето и белите дробови. Само во ЕУ има 34.000 смртни случаи во 2023. Најпогодени се Турција, Италија, Германија

Истовремено, срцевите заболувања и дијабетесот се најчести последици.

Озон (O₃) — скриен летен убиец

Озонот расте со високите температури и сончевото зрачење, што го прави особено опасен во Медитеранот и Балканот. Забалежани се 63.000 смртни случаи во ЕУ, а најпогодени: Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, Хрватска, Унгарија

Озонот силно ја влошува состојбата на пациенти со ХОББ.

Што значат загубените години живот?

Извештајот работи со четири индикатори: AD (атрибутивни смртни случаи) или колку луѓе умреле поради загадување, YLL (изгубени години живот) односно колку години „се скратени“ од животот, YLD (години живеени со попреченост) што значи колку години населението живее во болест, DALY или вкупниот товар, комбинација од YLL + YLD и РM2.5 создава огромен товар: над 2 милиони DALY во ЕУ.

За споредба, NO₂ создава пет и пол пати помал товар, а озонот носи помалку смртни случаи, но има силен ефект врз респираторните заболувања.

Зошто токму Балканот е најпогоден?

ЕЕА укажува на повеќе причини. Пред се стареење на населението, студени зими што поттикнуваат греење на цврсти горива, стар и загадувачки возен парк, урбана густина без доволен зелен појас, индустриско загадување без најнова технологија и слаб надзор и недоволна примена на регулативите.

Европа напредува, но Балканот се дави

Иако Европа бележи значително намалување на изложеноста на PM2.5 (над 10% пад само од 2022 до 2023), Македонија и целиот регион остануваат во „црвената зона“ на континентот. Товарот врз здравствениот систем и квалитетот на живот е многу поголем од остатокот од Европа, а ризикот од срцеви и белодробни болести е хронично зголемен.

Само во ЕУ-27 во 2023 година, доколку концентрациите беа усогласени со препораките на СЗО, можеле да се избегнат: 182.000 смртни случаи поврзани со PM2.5, 63.000 смртни случаи поврзани со озон (O₃) и 34.000 смртни случаи поврзани со азот диоксид (NO₂)

Фините честички (PM2.5) остануваат најсмртоносниот загадувач, со 1,9 милиони изгубени години живот во ЕУ, додека азотниот диоксид и озонот предизвикуваат дополнителни стотици илјади години изгубено здравје.

Дополнително, новите научни докази покажуваат дека долготрајната изложеност на загаден воздух може да биде поврзана и со развој на деменција, чија проценета здравствена цена е повисока од повеќето други хронични заболувања кои традиционално се врзуваат со загадување.

Извештајот предупредува дека огромен дел од овие последици се целосно превентабилни. Но, додека политиките не се применат доследно, здравствениот товар ќе остане највисок токму таму каде што има најмалку капацитет да го поднесе, а тоа е на Балканот, а особено во Македонија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни