Кога новинарството станува ризик затоа што си жена

Новинарките во Македонија и Србија не ги напаѓаат само поради текстовите, туку и затоа што се жени

Жените новинарки на Западен Балкан се соочуваат со двоен притисок, поради тоа што пишуваат и поради тоа што се жени. Заканите со насилство, сексистичките навреди и организираните онлајн кампањи, се дел од нивното секојдневие. Институциите пак ретко реагираат. Бројките покажуваат дека насилството е широко распространето и сè повеќе се нормализира, со сериозни последици врз слободата на медиумите.

Жените новинарки во Македонија и Србија денес се соочуваат со два типа на напади: оние кои доаѓаат затоа што се новинарки и оние кои доаѓаат затоа што се жени. Разликата меѓу нив е суштинска. Додека нивните машки колеги се напаѓани поради она што го напишале, жените новинарки се таргетираат и поради тоа кои се, односно само затоа што се жени. Сексистичките навреди, заканите со сексуално насилство, дискредитацијата на нивниот изглед и организираните кампањи имаат за цел да ги исклучат од јавниот медиумски простор.

Оваа појава некои ја гледаат како дел од балканскиот фолклор, како дел од вечниот и неменлив патријархат и мачизам кои ги регулираат односите меѓу мажите и жените. Други, пак, го минимизираат опфатот на онлајн малтретирањето и неговите последици, повторно вперувајќи прст кон „плачливите“ жени кои претеруваат во реакциите.

Бројките, за жал, говорат дека онлајн насилството е широко распространето, систематско и за жал нормализирано. Во Македонија, 81,6% од новинарките пријавиле онлајн вознемирување. Во Србија, секој втор напад врз новинар во 2024 година бил насочен кон жена. Во целиот регион, само секој шести пријавен случај завршува на суд. Тоа не е случајност, тоа е систем, велат жртвите на овие напади.

Секое релативизирање на појавата не е случајно. Сите навреди, закани и напади се намерни, тврдат новинарките кои се мета на овие напади.

Македонија: осум од десет новинарки се жртви на онлајн вознемирување

Истражувањето на Платформата за истражувачко новинарство и анализа (ПИНА) од 2022 година, спроведено врз 103 новинарки во Македонија, дава конкретна слика за состојбата во земјата. Според истражувањето, 81% од новинарките пријавиле онлајн вознемирување. Притоа, говорот на омраза е доминантна форма и е забележан кај 69%, додека сексизам пријавиле 51,7%, а шовинизам 43,7% од испитаничките. Секоја трета новинарка смета дека е жртва на организирани напади, а повеќе од 29% пријавиле дека нивните фотографии биле споделувани во затворени групи со цел нивна дискредитација.

Нападите не остануваат само во дигиталниот простор. Околу 24,1% од испитаничките пријавиле закани со физичко насилство, а 19,5% закани по живот. Доминантна платформа за вознемирување е Facebook, пријавена од 89,9% од испитаничките, а во 79,3% од случаите напаѓачот не ѝ бил познат на новинарката.

Загрижувачки е и податокот за институционалниот одговор. Иако 86,4% од испитаничките знаат каде треба да пријават, само 25,2% тоа и го направиле. Речиси половина од оние кои се обратиле до институциите биле многу незадоволни од одговорот.

Само две испитанички изјавиле дека се задоволни. Уште позагрижувачки е фактот што кај 74,3% од новинарките вознемирувањето едноставно се прифаќа како дел од работата. Тоа е еден од најилустративните показатели за длабоката нормализација на онлајн насилството во нашето општество.

Србија и Западен Балкан меѓу онлајн насилството и неказнивоста

Состојбата во Србија е уште поалармантна. Според анализа на SafeJournalists Network, Ms. Magazine и Врховното јавно обвинителство на Србија, 57% од заканите и физичките напади во 2024 година биле насочени кон жени новинарки, при што заканите честопати содржеле експлицитни повици на сексуално насилство. Само Независниот синдикат на новинари во 2025 година регистрирал 275 случаи, меѓу нив 109 физички напади и 100 смртни закани.

Меѓународните платформи денес ја рангираат Србија како најризична земја за новинарите во Европа.

Во периодот 2022–2024 година, во Албанија, Босна, Црна Гора и Србија биле пријавени вкупно 239 напади до полиција или обвинителство. Само 17%, односно 40 случаи, завршиле со судска одлука. Во Србија во 2024 година, околу 70% од евидентираните напади врз новинарите се случиле во онлајн просторот, а околу 60% од жртвите биле жени.

Неказнивоста не е споредна последица на слабите институции. Таа станува дел од самиот механизам на притисок.

Сашка Цветковска новинарка на ИРЛ

Искуството на Сашка Цветковска и Ана Новаковиќ

Кога Сашка Цветковска, новинарка на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) во Скопје, ќе објави истражувачки текст, знае што следи. Уште истиот ден, под објавата се појавуваат коментари, вулгарни и координирани, со повици на физичко и сексуално насилство.

Тоа, за жал, не е реакција на незадоволни читатели, тоа е дел од работата со која живее секоја новинарка на Западен Балкан.

Истражувањата на Цветковска за злоупотребите на власта, државните ресурси и корупцијата редовно предизвикуваат организирани реакции во онлајн просторот. Тоа, вели таа, не е случајност, туку дел од добро испланирана операција.

„Во ИРЛ новинарките редовно се соочуваат со црни кампањи во онлајн просторот, на социјалните мрежи и во дел од онлајн медиумите. Тоа е цела индустрија која служи да заштити моќни луѓе од одговорност или координирано да дејствува против оние кои пишуваат за злоупотреба на власта и на државните ресурси“, вели Цветковска.

Нападите врз жените новинарки имаат поинаква форма од оние насочени кон нивните машки колеги, разлика која таа ја именува директно и без двоумење.

„За жена новинарка ретко ќе кажат дека е подмитена или дека е платеник. Наместо тоа, нападите се насочени кон нејзиниот пол. Па така, ќе ја испратат „во кујна“, за да ја навредат или сексуално ќе ја вознемируваат. Не е пријатно да гледате илјадници коментари во кои луѓе повикуваат да ве тепаат или силуваат.“

Цветковска предупредува дека поделбата меѓу дигиталното и физичкото насилство е опасна заблуда, особено во општества каде што поларизацијата е длабока.

„Луѓето мислат дека интернетот е некој посебен свет, но овие закани често преминуваат во реалноста, особено во поларизирани општества. Имаме неколку правни постапки поврзани со овие закани, но институциите често не го разбираат концептот на онлајн насилство. Се случува дури и во полиција да се соочиме со недоразбирање и потсмев. Казнивоста може да помогне, но не е доволна сама по себе. Промената мора да биде подлабока, во самата култура на општеството.“

На прашањето дали некогаш размислувала да се повлече од приказната или професијата, Цветковска објаснува: „Секогаш си велам: зошто ние да се повлечеме? Зошто тие да не си одат? И потоа се враќам назад и продолжувам.“

Ана Новаковиќ, N1 телевизија

Ана Новаковиќ шест години известува за судство, корупција и организиран криминал за N1 телевизија во Белград. Нападите врз неа значително се засилиле откако почнала да известува за судската постапка пред Вишото јавно обвинителство за организиран криминал против тогашниот министер за култура Никола Селаковиќ. По секоја нејзина објава поврзана со тоа судење, на социјалните мрежи се активирала мрежа од профили со навредливи, вулгарни и очигледно координирани коментари.

„Кога објавив еден од прилозите за судењето, веднаш се активираа ботови на социјалните мрежи. Коментарите беа навредливи, вулгарни и очигледно организирани“, раскажува Новаковиќ.

Нападите имале и лична тежина, не само професионална. Новаковиќ зборува за моментот кога разбрала дека последиците излегуваат надвор од рамките на нејзината работа.

„Не сакав моето семејство или пријателите да ги видат тие коментари, бидејќи беа навистина грди и навредливи. Но во ниту еден момент не помислив да престанам да известувам за таа тема. Напротив, тогаш знаете дека ја работите работата како што треба.“

„Ги сакам овие новинарки кои лесно клекнуваат“

Новаковиќ посочува дека сексизмот кон новинарките не доаѓа само од анонимни профили, туку и од носители на највисоки јавни функции. Симболичен пример кој и денес резонира во медиумската заедница е изјавата на тогашниот министер за одбрана Братислав Гашиќ, кој во декември 2015 година, кога новинарката од Б92 клекнала за да не пречи на камерите, рекол:

„Ги сакам овие новинарки кои лесно клекнуваат.“

Гашиќ бил разрешен, но изјавата стана трајна референтна точка за сексизмот со кој се соочуваат жените во медиумите. Новинарките одговорија со движење под хаштагот #новинарките_не_клекнуват.

„Луѓето кои се на позиции на моќ често им се обраќаат на новинарките на сексистички начин. Не сум слушнала некој така да се однесува кон машки новинар. Причината зошто ваквото однесување продолжува е тоа што нема соодветни санкции. Кога би постоеле, ваквите изјави повеќе не би се повторувале.“

Новаковиќ предупредува дека сè повеќе се случува нормализација на насилството, кога стресот станува невидлив токму затоа што е секојдневен. Но притоа одржува јасна линија:

„Најголемиот проблем е што луѓето кои го трпат ова насилство почнуваат да се навикнуваат на него. Знаете како, секој може да ме критикува и тоа е нормално, но никој нема право да ме навредува“, вели Новаковиќ.

Јелена Петковиќ, членка на Комисијата за жалби на Советот за новинари и фриленс новинарка

Јелена Петковиќ и Тамара Филиповиќ Стевановиќ: неказнивоста е клучниот проблем

Јелена Петковиќ, членка на Комисијата за жалби на Советот за новинари и фриленс новинарка во Белград, вели дека состојбата со онлајн насилството во Србија оди во само една насока, а тоа е влошување.

„Ситуацијата во Србија станува сè полоша и полоша кога станува збор за онлајн насилството и вознемирувањето на колешките. Во создавањето на таквата атмосфера честопати учествуваат и политичари, таблоиди и организирани мрежи на ботови“, вели Петковиќ.

Таа нагласува дека дигиталното и физичкото насилство не смеат да се гледаат одвоено затоа што врската меѓу нив е директна и добро документирана.

„Насилството во онлајн сферата инспирира понатамошно насилство и во онлајн и во офлајн просторите. Многу често тоа е претходник на физички напади врз новинарите. И машките и женските колеги добиваат закани со смрт и навреди, но кај новинарките тие речиси секогаш се придружени со сексистички и мизогини пораки. Општеството веќе го има тој мизогинистички супстрат, а тој секојдневно се охрабрува преку таблоидите и прорежимските медиуми, кои го релативизираат таквиот начин на комуникација.“

Тамара Филиповиќ Стевановиќ е генерален секретар на Независното здружение на новинари на Србија (НУНС) и координаторка на регионалната мрежа SafeJournalists

Тамара Филиповиќ Стевановиќ е генерален секретар на Независното здружение на новинари на Србија (НУНС) и координаторка на регионалната мрежа SafeJournalists. Бројките добиени преку работата на нејзината мрежа го потврдуваат она за кое зборуваат новинарките на терен.

„Трендот на насилство бележи пораст. Постојано бележиме зголемување на онлајн заканите и притисоците врз новинарите, и тоа се случува од година во година. Во претходните години, приближно 70 проценти од случаите што ги евидентираме во нашите бази на податоци се случуваат во онлајн просторот“, објаснува Филиповиќ.

Нападите врз новинарките имаат препознатлив образец, вели таа, а нивната нормализација е дополнителен проблем.

„Заканите и притисоците кон новинарките не се секогаш директни закани со смрт, но речиси секогаш содржат мизогина компонента, сексистички коментари и навреди. Се создава впечаток дека тоа оди со работата. Но никаде во описот на работното место на новинар не пишува дека треба да трпи малтретирање.“

Правната рамка во Србија, вели таа, на хартија е добра, а новинарите уживаат исто ниво на заштита според Кривичниот законик како претседателот или судиите, но примената е селективна и проблемот оди подлабоко.

„Можеме да видиме селективна примена на правдата. Кога заканите се упатени кон носители на високи функции, постапките се водат побрзо и поефикасно. Кога таквите напади доаѓаат од врвот на власта, тие дополнително се нормализираат и се испраќа порака дека новинарите можат да бидат мета на вакво однесување. Работодавачите и уредниците мора да обезбедат заштита за новинарите преку јасни протоколи, правна помош и психолошка поддршка. Новинарите се мета токму поради работата што ја работат. Онлајн просторот не е без правила. Тоа е јавен простор во кој секој мора да сноси одговорност за зборот што го кажува јавно“, вели Филиповиќ.

Марија Митевска: автоцензурата е најтивката и најопасна последица

Марија Митевска е претседателка на Женската медиумска мрежа „Еднаква” од Скопје

Марија Митевска, претседателка на Женската медиумска мрежа „Еднаква“ во Скопје, онлајн вознемирувањето на новинарките го опишува не само како проблем, туку како секојдневие, нешто со кое жените во медиумите се соочуваат редовно, без разлика на темата или медиумот за кој работат.

„За жал, во последниот период, со оглед на тоа дека сè повеќе луѓе се присутни во интернет-просторот, онлајн вознемирувањето се зголемува, а тоа не го покажуваат само анкетите. Искуството на новинарките и медиумските работнички јасно го потврдува тоа и за жал сето ова станува секојдневие кое, на еден или друг начин, влијае врз нивната работа“, објаснува Митевска.

Таа го именува она за кое другите молчат, дека најстрашниот ефект од нападите не е нивниот интензитет, туку она кон кое нè наведуваат: молчење и поместување на фокусот од работата кон самозаштитата.

„Вознемирувањето може да ја поткопа самата новинарска работа и процесот, бидејќи кога новинарките се соочуваат со вознемирување, тие почнуваат да размислуваат како да се заштитат, наместо да се фокусираат на работата. Најчесто се напаѓа личниот изглед на жената, со цел да се наруши интегритетот на нејзината професија. Кај мажите тоа ретко се случува, кај нив вознемирувањето е директно поврзано со нивната работа“, вели Митевска.

Таа посочува и дека онлајн вознемирувањето станува нормализирано и прифатено дури и од самите жртви. Токму тоа создава поголем долгорочен проблем за целата заедница.

„Многу жени мислат дека не треба да се реагира на навредите за личен изглед или на други коментари, бидејќи тоа нема да има епилог. Но токму тоа создава поголем проблем за иднината. Доколку сите новинарки и медиумски работнички го кренат гласот и јавно пријавуваат што им се случува, тоа може да спречи онлајн вознемирувањето да прерасне во загрозување на безбедноста.“

Мрежата „Еднаква“ работи на конкретно решение, дигитална алатка преку која жртвите можат да пријават вознемирување, дури и анонимно, создавајќи статистика за притисок врз институциите. Митевска посочува дека шведскиот модел покажува дека промената е возможна.

„Планираме дигитална алатка преку која жртвите можат да пријават онлајн вознемирување, дури и анонимно. На тој начин ќе имаме статистика која ќе ни помогне да побараме од институциите да преземат конкретни мерки. Моделите на развиените земји, како Шведска, покажуваат дека со брза реакција на институциите и соработка со социјалните мрежи сторителите се наоѓаат и казнуваат, а онлајн вознемирувањето не се остава да ескалира“, објаснува Митевска.

Нова правна рамка на ЕУ: закони кои постојат, обврски кои чекаат

Европската унија во последните години изгради правна рамка што директно се однесува на онлајн насилството врз новинарите. Законот за дигитални услуги (DSA), целосно во сила од 2024 година, ги обврзува Facebook, X, YouTube и други крупни платформи да воспостават ефективни механизми за пријавување и отстранување на нелегална содржина.

За Македонија и Србија, земји-кандидати за ЕУ, усогласувањето со DSA е дел од пристапниот процес.

Европскиот акт за медиумска слобода (EMFA), кој почна да се применува во август 2025, ја заштитува доверливоста на новинарските извори и комуникации и експлицитно забранува употреба на шпионски софтвер против новинари. Советот на Европа уште во 2016 година усвои Препорака CM/Rec(2016)4 со конкретни насоки за превенција, заштита и гонење на сторителите, препорака што е директно применлива и за Македонија и за Србија. Истанбулската конвенција, инкорпорирана во законодавствата на двете земји, предвидува обврска за ефективна заштита на жените од сите форми на насилство, вклучително и онлајн насилство.

Шведскиот пример останува референтна точка на која повеќепати укажуваат нашите соговорнички. Таму, брзата координација меѓу институциите и платформите резултира со реални санкции за сторителите. Системот за пријавување функционира, а дури и анонимното пријавување создава следлива статистика за одговорност. Разликата со Западен Балкан не е во постоењето на закони. Таа лежи во одлучноста тие закони навистина да се применуваат и во капацитетот на институциите да го сторат тоа брзо и конзистентно.

Нападот врз новинарките е напад врз демократијата

Бројките за онлајн насилството се конзистентни низ годините, искуствата се документирани, а правната рамка постои на хартија. Жените новинарки во Македонија, Србија и пошироко на Западен Балкан работат под двоен систематски притисок: поради занаетот и поради полот. Заканите кои доаѓаат, пред сè, затоа што се жени. Сексистичките навреди, организираните кампањи и нападите врз личниот изглед не се случуваат кај нивните машки колеги. Од друга страна, навредите не само што повредуваат, туку имаат и јасна функција: да ги исклучат жените од јавниот простор.

Тивката последица е автоцензурата, приказните кои не се напишани, темите кои се избегнуваат, новинарките кои постепено се повлекуваат. Нормализацијата е можеби најопасниот исход, кога насилството станува дел од занаетот, наместо да биде именувано за тоа што е: кривично дело. Никаде во описот на работното место на новинар не пишува дека треба да трпи малтретирање.

Веројатно главен предуслов за воопшто да започне позитивна промена е да се смени менталниот склоп и јавното мислење во двете земји кои се фокус на оваа приказна. Кога министер за одбрана може да изјави „ги сакам новинарките кои лесно клекнуваат“ и да остане само разрешен, а не и осуден, тоа не е случаен испад на лош вкус, туку културна матрица. Тоа е момент во кој системот се открива себеси.

Мизогинијата не се појави со онлајн ботовите и не се роди во коментарите под објавите. Таа е градена со децении, низ турбо-фолкот кој ја нормализираше жената-спектакл, низ форматот на теленовелите и телевизиските серии кои ја романтизираа контролата, низ таблоидите кои сексуализацијата ја претворија во новинарски жанр. Ботовите и функционерите само го препишуваат она што веќе го знаат напамет.

Промената е можна, соговорничките во овој текст самите на тоа укажуваат, а шведскиот модел покажува дека не е утопија. Но таа не започнува со закон и не завршува со пресуда. Започнува со едно колективно именување: жената која известува, истражува и зборува јавно не е гостин во јавниот простор. Таа е негов столб.

Промената бара три нешта истовремено: институции кои реагираат брзо и еднакво за сите, платформи кои сносат одговорност за содржината и новинарки кои продолжуваат да известуваат и да пријавуваат. Ниедно не е само по себе доволно ако недостасуваат останатите две.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни