Четиринаесет новинари беа приведени во Венецуела додека известуваа за актуелните настани во главниот град Каракас, соопшти Националното здружение на новинари на Венецуела (SNTP).
Според соопштението објавено во понеделникот наутро, новинарите биле приведени за време на теренско известување, но подоцна истото здружение потврди дека сите 14 лица се пуштени на слобода. Во меѓувреме, еден странски новинар бил депортиран од земјата, пренесува агенцијата Reuters.
Медиумските работници известувале за случувањата што започнаа во саботата, 3 јануари, кога Соединетите Американски Држави изведоа серија напади врз Каракас и го приведоа венецуеланскиот претседател Николас Мадуро. Дел од новинарите покривале и марш на поддршка на Мадуро, како и полагањето заклетва на новата претседателка Делси Родригез.
Во посебна реакција, Министерството за надворешни работи на Кина соопшти дека сите кинески новинари кои моментално престојуваат во Венецуела се безбедни и не биле засегнати од приведувањата.
Настанот повторно ги отвора прашањата за безбедноста на новинарите и слободата на медиумите во услови на воени и политички кризи, особено во ситуации кога известувањето од терен претставува зголемен ризик за медиумските работници.