Проектот „Зелена иднина: од градинка до училиште“, што dm drogerie markt го спроведува заедно со Македонското еколошко друштво, продолжи и на 7 и 8 април со нови акции во Охрид и Велес. Во дворовите на основното училиште „Григор Прличев“ во Охрид и Државното средно училиште – Регионален центар за стручно образование и обука „Коле Неделковски“ во Велес беа засадени вкупно 90 садници.
Со ова, двете училишта добија поуредени и позелени дворови, но и попријатен простор за престој и секојдневни активности на учениците. Во акциите учествувале и самите ученици и вработени, а поддршка во реализацијата обезбедило Македонското еколошко друштво.
Со најновите активности се заокружува првиот циклус на садења предвиден за првите три месеци од годината. Во меѓувреме, пријавувањето за следниот циклус, кој ги опфаќа октомври, ноември и декември, останува отворено.
Од почетокот на 2026 година, во рамки на истиот проект, пошумувања веќе беа реализирани во основните училишта „Маршал Тито“ во селото Банско, Струмица и „Андреја Савевски – Ќикиш“ во Тетово, каде беа засадени 160 садници. Подоцна следуваа и акции во гимназијата „Гоце Делчев“ во Куманово и во градинката „Детска радост“ во Гевгелија, со уште 133 нови садници. Со последните активности во Охрид и Велес, вкупниот број засадени садници годинава надмина 380.
Проектот продолжува по првата фаза реализирана во октомври и ноември 2025 година, кога беа уредени четири училишни дворови со повеќе од 500 садници. Покрај хортикултурното уредување, иницијативата има и едукативна димензија, бидејќи вклучува деца и млади во активности поврзани со грижата за животната средина.
Конкурсот „Зелена иднина: од градинка до училиште“ е наменет за државни и општински основни и средни училишта, како и за градинки. Тие можат да ги пријават своите дворови за раззеленување и уредување, а проектите ги разгледува стручен тим составен од претставници на dm и Македонското еколошко друштво. Крајниот рок за аплицирање е 31 август 2026 година.